Гамофобија е страв од стапување во брак или, попрецизно, страв од посветеност и врзување. Потекнува од грчки збор „гамос“ што значи брак. Луѓето што имаат гамофобија честопати чувствуваат одредена доза вознемиреност при самото спомнување на бракот. Гамофобијата е сè уште неистражена и ретка фобија, која се јавува и кај жени и кај мажи. Некои луѓе го имаат овој страв, а не се ни свесни дека се работи за гамофобија, додека повеќето луѓе никогаш не бараат помош за да се реши овој проблем. Затоа не е познат точниот број на луѓе што страдаат од оваа фобија. Сепак, овој страв лесно се препознава според симптомите што се јавуваат при самиот разговор за брак, врска или посветеност. Покрај негативното размислување за бракот и потребата да се избега од разговорот, гамофобијата предизвикува и физички промени што може да се забележат кај некоја личност, како што се: болка во градите, црвенило на лицето, отежнато дишење, гадење, потење, забрзано чукање на срцето и сл. Гамофобијата може да биде во лесна форма, но може да создаде и големи проблеми во секојдневниот живот, работата, студиите или приватниот живот.

Некои луѓе реагираат на самата помисла или разговор за брак, додека за некои дружењето со брачни двојки или одењето на свадби предизвикува голем проблем и анксиозност.
Постојат неколку причини зошто се појавува гамофобија, а најчесто тоа е комбинација на негативни искуства од минатото и надворешни фактори. Така, на пример, гамофобијата може да се развие поради траума од некоја претходна врска што не завршила добро или завршила со развод. Покрај тоа, можеби станува збор за однесување преземено од родителите што немале среќен брак и, наместо тоа, биле во лоша врска што можеби завршила со развод.
Во некои случаи е потребна стручна помош, особено ако се појават напади на паника, вознемиреност или депресивни мисли. Може да помогне и когнитивно-бихејвиорална терапија, која ќе го промени начинот на размислување и однесување, или психотерапија, која доведува до решение преку разговор. Друга опција е терапија со изложеност, каде што лицето со гамофобија ќе треба да присуствува на свадби за да се соочи со својот страв и да развие позитивни чувства за бракот.