Деновиве се шират гласини дека Хоакин Феникс е во преговори за улога во нов хорор-филм. Според американските медиуми станува збор за улога во филмот „Бо се плаши“ на режисерот Ари Астер. 

По зацврстената популарност на филмовите „Реинкарнација“ од 2018 година и „Мидсомар“ од 2019 година, сите се прашуваа што е следно за режисерот кој стои зад некои од најморничавите ужаси што се појавиле на големото платно во последно време. Во јуни, Астер објави  дека планира снимање на „кошмарна комедија“, но не откри премногу детали за претстојниот филм. 

Сепак, највозбудливата вест за новиот филм е потенцијалната ѕвезда, Хоакин Феникс. 

– Хоакин Феникс е во преговори да глуми во претстојниот филм на Астер, насловен „Бо се плаши. Обожавателите на хорор жанрот се воодушевени од помислата на соработката меѓу Астер и Феникс. Актерот се шпекулира дека ќе глуми „вознемирена личност“, слично како во „Џокер“ – објави „Дискасингфилм“.

Феникс доби оскар за портретирање на славниот Бетмен негативец, Џокер, во 2020 година, но тој досега беше номиниран три пати во минатото, за „Гладијатор“, „Оди по линијата“, како и за „Господар“.

– Доколку Феникс прифати да глуми во филмот, тој веројатно ќе ја игра главната улога. Станува збор за лик со исклучително вознемирувачки, но во извесна мера и пријатен изглед, кој никогаш не го познавал својот татко. Поради ова, тој има силна приврзаност кон неговата мајка – пишуваат медиумите.

Засега не е познато кога ќе почне снимањето на филмот.