Трката е отворена за сите љубители на планината и движењето, а патеките минуваат низ едни од најинтересните предели на Водно и на Матка

Планинските тркачи, в недела во 8 часот, повторно ќе имаат можност да си ги одмерат силите и да уживаат во „Водно – Матка треил маратон“, што ќе се одржи вторпат. Минатата учествуваа 320 тркачи од 15 држави.

– Тркачите ќе имаат можност да одберат некоја од двете планински трки со должина од 26 и 42 километри – маратон и полумаратон, и да се обидат да се надминат себеси на исклучително тешките, но прекрасни планински патеки низ Водно и Матка. Стартот е предвиден од месноста Полиција во населбата Водно, а финишот е на врвот Крстовар – планинарскиот дом „Даре Џамбаз“. Временскиот лимит за минување на полумаратонот ќе биде 7 часа, а за маратонот 11 со тоа што на 27-от километар (Матка) ќе биде предвиден дополнителен временски лимит – информираат организаторите од „Трекс“, здружението за промоција и работа на проекти за планинско трчање, експедиции, алпинизам и други адреналински спортови во природа, пред сè на планина.

Трката е отворена за сите љубители на планината и движењето, а патеките минуваат низ едни од најинтересните делови и погледи на пределот како и многубројните културно-историски локалитети во околината – вкупно 7 цркви и манастири, покрај реката Треска и езерото Матка, селото Горно Нерези…

– Целта на настанот е да се придонесе во развојот на планинското трчање и спортовите во природа во Македонија, да се промовира активниот животен стил и рекреирањето на планина, скопскиот регион да се етаблира во светските календари за планинско трчање, но и да се покаже желбата за заштита на овој природен регион и едно од последните чисти места за спортување од понатамошна узурпација и уништување – додаваат организаторите од „Трекс“.

Целта на нивните трки е и да се развива планинското трчање и воопшто трчањето и спортовите во планина кај нас, но и со посетата на странски тркачи и гости – да се создаваат услови и да се промовира Македонија како дестинација за алтернативен планински и авантуристички туризам.