Во Центарот за култура и образование во Раковица синоќа, на нашиот најплоден и најпознат афористичар и сатиричар Миле Ѓорѓиоски, му беше врачена првата награда за афоризам, доделена на Третиот фестивал за хумор и сатира „Раковица 2019“. Ѓорѓиоски ја освои првата награда во конкуренција на голем број колеги од Балканот, кои за овој фестивал испратиле над 1000 афоризми.

-Првата награда за афоризам „Раковица 2019“ што синоќа ја примив во Центарот за култура и образование во Раковица е една од трите големи награди кои ги освоив последните неколку месеци, откако претходно во Белград ја освоив наградата Екселенција сатира „Радое Домановиќ“ и златната плакета ИФАК во Струмица – рече Ѓорѓиоски.

Последната награда за Ѓорѓиоски има голема вредност, бидејќи е освоена во силна конкуренција на најпознатите афористичари од цел Балкан, од авторитети од оваа област и познавачи на афоризмот и воедно афористичари како Александар Чотриќ и Витомир Теофиловиќ претседател на жирито. Тој најави и нови книги афоризми во текот на оваа календарска година.  З.А.