Годинашното доделување на наградите САГ се одржа виртуелно и беше сведено на едночасовна онлајн церемонија, со претходно снимени обраќања на презентерите и на актерите.
Виола Дејвис, Јун Јух Џунг, Даниел Калуа и покојниот Чадвик Боузмен триумфираа во своите категории. Наградата за најдобра машка улога во филм му припадна на починатиот актер Чадвик Боузмен, за неговата последна улога во „Ма Рејни: Mајка на блузот“ (Ma Rainey’s Black Bottom). Виола Дејвис ја доби наградата за најдобра актерка, за улогата на џез-дива во истиот филм. Во отсуство на категоријата најдобар филм, беше доделена награда за најдобра актерска екипа во филм.
Па, така, актерите на филмовите „Судењето на седумтемина од Чикаго“ (The Trial of the Chicago 7) и „Ма Рејни: Mајка на блузот“ триумфираа на церемонијата што се емитуваше во неделата вечер.
Џилијан Андерсон е прогласена за најдобра актерка во ТВ-серија, за улогата во „Круна“ (The Crown), а серијата доби и награда за извонреден настап на целокупна екипа во драма.
Награда доби и Ања Тејлор-Џој за улогата во мини-серијата „Квин гамбит“ (The Queen’s Gambit). Покрај неа, награда освоија и актерите Марк Руфало, Џејсон Судеикис и Џејсон Бејтмен.
Овие награди, кои ги доделува американското здружение на ТВ и радиоуметници, се сметаат за предвесник на „оскарите“.