Васил Гарванлиев, нашиот евровизиски преставник, заедно со тимот на МРТ, носител на лиценцата за овој избор, денеска ја имаше првата проба на евровизиската сцена во арената „Ахој“ во Ротердам, Холандија.

Според реакциите на присутните и коментарите на официјалниот евровизиски сајт настапот бил одличен, а има и пофалби за стајлингот, креација на модниот дизајнер Раде Василев.

– Голем бран на емоции доживеав во моментот кога застанав на сцената за првата техничка проба. По повеќе од една година застанувам на толку голема сцена и сонот ми станува реалност. Сѐ уште не ми е верна дека оваа Евровизија се случува. Немам зборови. Имавме многу топол пречек од целиот тим на ЕБУ и од домаќинот, многу убава енергија владее насекаде околу нас и меѓу нас, во делегацијата. Во прес-центарот добивме одлични реакции пое првата техничка проба, новинарите и фановите се позитивно изненадени од нашиот настап и тоа ме радува. Останува да продолжиме со ова темпо. Ви испраќам топли поздрави од Ротердам – изјави Васил Гарванлиев специјално за „Нова Македонија“.

Според Александра Јовановска, пиар на македонската евровизиска делегација и прес-конференцијата минала добро, со голем интерес кај новинарите.

Инаку Васил деновиве даде интервју и за „Њујорк тајмс“, а сѐ поголем број евровизиски фанови од целиот свет му даваат поддршка, како и познати јавни личности, меѓу кои е и светски познатата пијанистка Мицуко Ушида.

Нашиот евровизиски преставник настапува на 18 мај, во Првото полуфинале, кога ќе ја изведе песната „Here I stand“, која ја напиша самиот тој, како што вели, во еден здив, додека пак во аранжирањето и оркестрацијата се вклучија Борче Кузмановски и Давор Јордановски. За сценскиот настап се погрижи режисерката Тине Матулеси. М.Т.