Традиционалниот новогодишно-божиќен концерт на учениците од СОУ „Јане Сандански“ ќе се одржи утре, на големата сцена на НУЦК „Антон Панов“ во Струмица.
Годинешново, деветто издание на празничниот и тематски концерт го носи името „Уан веј тикет“.

Музичарите и солистите од струмичката гимназија ќе ги исполнат хитовите што ги полнеле подиумите во минатиот век.

– Се надевамe дека публиката ќе ужива во заразните дискозвуци од „АББА“, „Би Џиз“, „Бони М“ и многу други изведувачи – информираат од гимназијата „Јане Сандански“.
На концертот ќе настапат солисти, инструменталисти, хорски и танчарски групи под менторство на професорите Анита Станковска, Денис Кирчанов и Полина Ашикова.
Покрај првиот концерт, кој е закажан во 19 часот, в петок, поради големиот интерес на публиката, веднаш ќе се одржи и вториот.

Средствата од концертот ќе бидат наменети за обезбедување музичка опрема во кабинетот по музика на струмичката гимназија.