Владимир Темков со изложба одбележува 40 години творештво

Со изложба на нови 60 дела создадени во последната година од циклусот „Лет во место“ ликовниот уметник Владимир Темков одбележува два значајни јубилеја 40 години творештво и 60 години живот. Изложбата ќе биде отворена вечерва во 19.40 во галеријата при Домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци, а за неговото творештво ќе говори академик Блажо Боев.

Владимир Темков е еден од најплодните ликовни уметници во Кавадарци кој последните 10 години своето творештво достојно го презентира и надвор од Македонија со самостојни изложби и студијски престој во Париз, Њујорк, Софија и Болу –Турција. Зад себе има реализирано над 70 самостојни изложби и учество во повеќе од 200 групни изложби како и бројни ликовни колинии во Македонија и во странство. Определувајќи се да остане да живее и работи во Кавадарци останува доследен на определбата да црпи инспирација од топлото тиквешко поднебје во кое се отсликува природата и богатиот колорит. Последниот негов циклус „Лет во место“ уште еднаш симболично го потврдува присуството на птиците на неговите платна но и кругот, како зрел плод овошје, зрно грозје и лебно зрно како симбол на бесконечност и раѓањето на новиот живот.

За Ефтим Клетников сликарството на Владимир Темков е сликарство на радост и светлина, на она што го зрачат боите како божествена супстанција, која најубаво ги изразува тие содржини и расположенија на човековата душа. Кирил Темков ја потврдува неисцрпната инспирација од природата во делата на Владимир посочувајќи дека природата е бескрајно богато наоѓалиште на фрагменти кои на човекот му даваат брони информации. Природата на уметникот му се отвора со многубројни форми и бои, кои фасцинираат и инспирираат да се пренесат во човечкиот ум и да се повторуваат во неговите дела. Тие чудесни трепети на сеопштото постоење, од најдребните честички до огромните ѕвездени галаксии, се најсилен извор во четиридецениското творештво на уменикот Владимир Темков.

Одбележувањето на овие значајни јубилеи ќе биде надополнето со објавување на книга за своето ликовно творештво како дел од докторската дисертација на Владимир Темков.

Ми.М.