Групната изложба „Места на дарежливост – трансформативни станици“ е отворена во културниот центар „Јадро“. На изложбата се претставени проектите: „Создаваме град, градиме иднина“! на Културно ЕХО, „Човеколики неволи“ на Ивана Мирчевска, „Заедно дишеме“ на Симона Манчева, „Добро. Подобро. ЧИСТО!“ на Лидија Пајевиќ и Крунислав Стојановски и „Лета, лета, Локубија“ на Елена Чемерска.
– Земајќи го предвид фактот дека уметниците во нашата земја работат и дејствуваат во затворени кругови на реципиенти на нивната продукција и тоа дека тие низ своите проекти не дејствуваат доволно во насока на развивање уметнички содржини што би имале поголем социјален импакт во општеството, преку проектот „Места на дарежливост – трансформативни станици“ сакавме да создадеме простор за поттикнување на креативните потенцијали кај уметниците и другите целни групи користејќи нови методологии, тактики и вештини, кои се поврзани со социјално ангажираната уметност, со цел да се овозможат успешно активно дејствуваат и проактивност на заедницата во насока на отворање и решавање проблеми и прашања на микрониво – велат организаторите.
Според авторите, уметноста има сѐ поголема улога при воведувањето на политичките и социјалните прашања во јавната сфера и со своите средства и можности ја развива стратегијата за свесна етичка политика во уметничката продукција.
– Денес ова може да се дефинира со создавање заедништво преку заедничко авторство и со еманципациски потенцијал на колективните методи, како основа за уметничкото творештво – нешто што ги надминува различните нивоа на класа, пол, образование, професии, социјална и политичка наобразба и животно искуство. Нешто што нѐ истиснува од зоната на удобност. Без оглед на геополитичкиот аспект, знакот на уметничката ориентација кон општественото, односно политичкото е некаков заеднички склоп на желби, за да се одврзе традиционалната врска помеѓу уметничкиот предмет, уметникот и публиката – се вели во најавата.
По распишаниот конкурс за реализација на проекти беа селектирани пет автори и уметнички групи, кои во периодот мај-ноември 2022 г. ги реализираа своите партиципативни уметнички дела. Проектот „Места на дарежливост -трансформативни станици“ им овозможи на уметниците (поединци, уметнички колективи, формални и неформални групи и организации од областа на културата), активистите и активните граѓани од Македонија да се обединат и да приложат свои проекти што се занимаваат со темите и проблемите во областа на животната средина, антикорупцијата, човековите права, дискриминацијата и социјалната правда.