Заврши 18. ликовна колонија „Марко Цепенков-Дрен 2026“
Заврши 18. ликовна колонија „Марко Цепенков -Дрен 2026“ што ја организираше ЦК „Марко Цепенков“, на која седуммина уметници – скулптори, од земјава твореа во преубавиот амбиент, во дворот на Тутунскиот комбинат и создадоа вредни уметнички дела – монументални скулптури во метал, кои ќе бидат поставени во јавен простор и на увид на граѓаните. Дела високи повеќе од два, а некои и по три метри создадоа Дамјан Ѓуров, Никола Пијанманов, Марјан Стојаноски, Слободан Милошески, Озбек Ајваз, Славчо Павлески и Емил Солески. Наедно, освен да творат, уметниците имаа можност во убав простор да се дружат и да разменат искуства.
– За нас ова е исклучително драгоцено искуство бидејќи за време на колонијата разменувавме мислења, идеи и перспективи за нашата уметност. Работевме скулптури со монументален карактер, чии димензии надминуваат три метри. Овие дела ќе бидат наша вредна оставина за Прилеп, трајна вредност што ќе го краси јавниот простор. Дружбата беше прекрасна, организацијата одлична и имавме сè што ни треба во овие работни услови. Секако, ваква ликовна колонија треба и понатаму да продолжи – изјави уметникот Слободан Милошески.
Учеството за мене е континуитет на македонската ликовна сцена, особено вајарската, која е органски поврзана со Прилеп и со неговата историја. Продолжувајќи го тој континуитет за нас како уметници беше огромен предизвик. Ова место каде што работевме даде оптимистички шанси дека може да се претвори во еден регионален, па и европски концепт за резиденции за уметници вајари. Граѓаните треба да гледаат како уметникот создава монументално дело, а потоа тоа да биде постојано изложено надвор. Работиме во материјали што се трајни – мермер, камен, железо – кои може да истраат децении на надворешни услови – вели скулпторот Никола Пијанманов.
Од ЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп како организатори велат дека годинашното издание на колонијата е значаен чекор за манифестацијата и можност да се развива во нова насока.
– Додека работеа уметниците се чувствуваше размената на идеи, размислувањата, но и го гледавме самиот процес на создавање. Радосни сме што делата ќе останат за нашиот град и ќе бидат дел од неговиот културен и уметнички живот – изјави Марија Попова Јованоска, директорка на Центарот за култура „Марко Цепенков“, упатувајќи благодарност за поддршката до Општина Прилеп, Министерството за култура и туризам и до Тутунскиот комбинат.
Координаторот на проектот, академскиот скулптор Марјан Стојаноски, истакна дека ваков вајарски зафат во Прилеп се нема случено повеќе од три децении.
– Кога го договаравме концептот, одлучивме да биде исклучиво на монументална скулптура, при што мора да упатам јавна благодарност до сите колеги што го прифатија предизвикот. Ова е нешто што веројатно се нема направено во изминатите 30, можеби и повеќе години во Прилеп. Идејата е скулптурите да излезат на јавен простор, да бидат видени за да може да комуницираат со јавноста – вели Стојаноски.
За првпат колонијата „Марко Цепенков-Дрен 2026“ ја имаше поддршката од локалната самоуправа и од градоначалникот Дејан Проданоски, кој истакнува дека монументалните скулптури ќе бидат поставени низ градот, со што ќе се добие една поубава, урбана и естетска димензија.
– Советот на Општина Прилеп ќе ги одреди видните локации каде што ќе бидат поставени создадените дела за да бидат видени од што е можно поголем број сограѓани и посетители – изјави градоначалникот Проданоски.
Со ова 18. издание, ликовната колонија „Марко Цепенков-Дрен“ поставува нови стандарди, претворајќи го Прилеп во отворено уметничко ателје. Ка.М.


































