Годинешното, 35-то јубилејно издание на интернационалниот поетски фестивал „Поетска ноќ во Велестово“ ќе се одржи од 18 до 20 август на повеќе локации во Велестово и во Охрид, а ќе учествуваат триесетина поети и уметници од пет земји. Годинава во фокусот ќе биде македонската поезија пишувана од жени и во таа насока централен настан ќе биде промоцијата на „Самодиви: панорама на македонската поезија пишувана од жени, од преродбата до денес“, во која се застапени дури 114 поетеси од повеќе етникуми што твореле и творат на територијата на Македонија. Настанот традиционално ќе се одржи на сретсело, во Велестово, а потоа ќе биде отворена и изложба на уметникот Тони Попов во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Велестово. Во рамките на фестивалот ќе гостуваат поети од Германија, Албанија, Србија и од Косово. Следниот ден, во соработка со Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид ќе се одржи промоција на уште една важна книга за развојот на македонската поезија: „Ново раѓање на зборот: антологија на младата македонска поезија“, која ја избраа и приредија Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски, како и интернационалното поетско читање „Поезија ‒ Залез“. Во рамките на фестивалот ќе се одржи и настанот ОХ РЕАД #2, во чија програма е предвидена работилница за креативно пишување и дијалог преку поетски препев, наменета за млади, како и интернационално поетско читање во кафе-барот „Шила“ во Охрид. Годинешниот постер на фестивалот му е посветен на враќањето на европскиот елен на падините на Галичица, а дизајнот е дело на Андреј Павлов.