Фото: З.А.

Матурантите од земјава и годинава ќе може да аплицираат за упис на Правниот факултет и на дисперзираните студии во Битола и Струга. Ова ќе биде 16. генерација бруцоши што ќе се запишат на овој факултет, кој се повеќе се афирмира кај помладата популација во регионот и каде годинава на идните студенти им стојат на располагање 365 слободни места во два студиски програми.
-Од понеделник 21 август до среда 23 август ќе се одвива првиот уписен рок за новите бруцоши, каде годинава им стојат на располагање 365 слободни места за студиските програми на Правни студии и Политички науки и дипломатија. Во седиштето на факултетот во Кичево има 75 слободни места на Правни студии и 30 за Политички науки и дипломатија, додека на дисперзираните студии во Битола има 145 места на Правни студии и 50 за Политички науки и дипломатија. На дисперзираните студии во Струга има слободни 45 места за Правни и 20 за Политички науки и дипломатија – истакна секретарот на факултетот м-р Гоце Велески, кој нагласи дека доколку останат слободни места по првиот уписен рок, ќе има и втор во периодот 6 и 7 септември и трет уписен рок кој ќе се реализира на 22 септември.

Студентите кои ќе се запишат на Правниот факултет во Кичево новата академска година ќе ја започнат во реновирани предавални и со задолжително физичко присуство, за разлика од претходните години кога поради ковид-19 наставата и полагањата беа реализирани на хибриден начин. З.А.