Фото: пиксабеј

И покрај тоа што често се сфаќа како грубо и нервозно однесување, тресењето или удирањето со ногата додека седите позитивно влијае на вашето здравје.

Тапкањето со прстите на работната маса или тапкањето со нозете додека седите може да помогне да се одржи здрава телесна тежина, да се контролира стресот, а можеби дури и да се продолжи животот.

– Ако седиш, не е добро за тебе. Но, ако седите и тресете со ногата, тоа всушност може да ги намали долгорочните ризици по здравјето – изјави во интервју за Би-би-си нутриционистичкиот епидемиолог од Универзитетот во Лидс, Џенет Кејд.

Тресењето со ногата обично се дефинира како немирно или нервозно однесување, но експертот за дебелина Џејмс Левин, професор на реномираната клиника Мајо, вели дека тоа е дефинирано како невролошки програмирано ритмичко движење на дел од телото.

„Факторот на нервоза“ е надворешна манифестација на вроден импулс за движење.

Според статистиките од 1975 година наваму стапките на дебелина во светот се тројно зголемени. Ова делумно се должи на седечката природа на многу работни места. Долгото седење го забавува метаболизмот, влијае на способноста на телото да го регулира нивото на шеќер, крвниот притисок и да ги разградува мастите.

– Има се повеќе докази дека импулсот на нервоза може да ни помогне несвесно да ја регулираме нашата тежина со движење. Малите движења можат да имаат големо влијание – објаснува Левин.

За време на испитувањето на неговите претпоставки, тој открил дека послабите канцелариски работници повеќе тресат со нозете, стануваат и се движат почесто во текот на денот во споредба со дебелите.

Тресењето и тапкањето со нозете, може да помогне во согорувањето на вишокот енергија што инаку би се складирала како маснотии.

Една мала студија на 24 луѓе покажа дека активностите поврзани со нервоза додека седат го зголемуваат трошењето на калории за 29 проценти во споредба со мирното седењето или лежењето. Тресењето на ногата додека стоите било уште поефикасно и ја зголемувало потрошувачката на енергија за 38 проценти.

Сепак, иако ваквите движења придонесуваат за зголемена потрошувачка на енергија, тие не се замена за вистинска активност или вежбање.

Во друга студија, Левин ги испитувал ефектите од нервозата врз човечката физиологија со тоа што 16 слаби кандидати јаделе дополнителни 1.000 калории дневно во текот на осум недели. Експериментот покажал дека оние кои редовно вежбале се поотпорни на собирање масни наслаги. Студијата покажа дека зголемениот внес на храна може да предизвика зголемена потрошувачка на енергија преку тресење на ногата за дури 700 калории дневно.

Зголемена концентрација

Според неврологот Максвел Мелин од Универзитетот во Лос Анџелес и Програмата за медицински науки на Калифорнискиот институт за технологија, постои врска помеѓу тресењето на ногата и когнитивните способности.

Луѓето кои тапкаат со ногата имаат предиспозиции и да талкаат со мислите, што може да им направи проблеми во училиште и на работа. Но, тресењето може да обезбеди и физиолошка стимулација, која што може да помогне во концентрацијата.

Во еден експеримент, луѓето кои треселе со ногата за време на телефонски повик запамтиле 29 отсто повеќе детали, што покажува дека физичката активност може да помогне во когнитивните способности.

Истражувањето спроведено од професорката Кетрин Исбистер од Универзитетот во Санта Круз покажало дека луѓето често избираат предмет со кој ќе си играат за време на разговорот, како што се спојувалки за хартија, пенкало.

Во некои случаи, типот на движење, исто така, влијае на тоа колку добро се извршуваат задачите. Мелин го наведува примерот на професионалните тенисери кои го тапкаат топчето неколку пати пред да сервираат.

– Не мора да го удираат топчето пред да сервираат, но на многумина таа рутина им помага да се фокусираат – додава Мелвин.

Подолг живот

И покрај фактот дека не постојат цврсти докази дека тресењето на ногата директно влијае за подолг животен век, експертите знаат дека хроничниот стрес може да го скрати, а седентарен начин на живот ги зголемува речиси сите ризици од прерана смрт како што се кардиоваскуларни болести, дијабетес, дебелина, но исто така придонесува за развој на депресија и анксиозност.

Тресењето на ногата може да помогне и со стресот. Во едно истражување, 42 мажи биле ставени во стресна ситуација, а потоа им била дадена аритметичка задача да ја решат пред две лица.

Истражувачите откриле дека оние кои се нервираат и се занимаваат со специфични однесувања, како што се гребење, гризење на усните и допирање на нивните лица, трпеле пониски нивоа на стрес. Во меѓувреме, откриено е дека тресењето со нозете додека седите им помага на крвните садови и потенцијално го спречува развојот на артериска болест.