Новата книга за деца, со најубавите бајки на сите времиња, „Си беше еднаш“, ќе биде промовирана денеска, во 19 часот, во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“. На настанот ќе учествуваат: уредничката Оливера Ќорвезироска, која ги направи изборот и адаптацијата на бајките, илустраторката Наталија Лукомска и книжевната теоретичарка и професорка Калина Малеска, која ќе биде во улога на промоторка.
Книгата „Си беше еднаш“ е во издание на „Либи“, дел од „Арс ламина – публикации“. Станува збор за внимателно селектирани и спакувани во ново руво 52 бајки од Ханс Кристијан Андерсен, браќата Грим и од Шарл Перо, по една за секоја недела во годината.
Оваа книга ковчеже има и „златно клуче“ за отклучување и влез во најубавите бајки на сите времиња. Секое дете има право на своја прва средба со бајките со кои пораснале генерации и генерации претходно, заедно со нивните родители, нивните баби и дедовци. Да им читаме на децата покрај нас и во нас, да читаме заедно со нив, за заспивање и за будење, за воспитување и за уживање, за развивање на мечтите и на чувството за праведност. Бајките се најсигурниот патоказ кон нивната иднина.
„Си беше еднаш“ (Најубавите бајки на сите времиња) е голема книга за малите читатели со нова, уедначена раскажувачка адаптација на Оливера Ќорвезироска (соодветна и примерена на новото време и на новите генерации читатели) и раскошни илустрации од Наталија Лукомска, во која можат да се најдат и неколку бајки што првпат се преведени и адаптирани на македонски јазик.
Оливера Ќорвезироска (1965) е родена во Куманово. Основно и средно образование завршила во родниот град, а Филолошки факултет во Скопје, каде што живее и работи. Авторка е на повеќе книги. Повеќекратна добитничка е на значајни награди за расказ во Македонија, а за „Сплетени раскази“ во 2003 година ја има добиено наградата за најдобра проза на Друштвото на писателите на Македонија, „Стале Попов“. Членка е на ДПМ и на Македонскиот ПЕН-центар.
Наталија Лукомска е полска илустраторка и графичка дизајнерка што живее и работи во Скопје. Има дипломирано на Шлезискиот универзитет во Катовице, полонистика и славистика, каде што го има изучувано македонскиот јазик. Во Македонија има дојдено како професорка по полски јазик на Катедрата за славистика на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.
Денес се занимава со илустрирање и графичка обработка на книги и дизајн на постери, црта детски книги, дизајнира корици, соработува со издавачи и културни институции во Полска и во Македонија.