Самостојната изложба со наслов „Код 4“ на Камуран Горанци ќе биде отворена вечерва, во 19 часот, во објектот „Чифте-амам“. Ќе бидат изложени 22 дела изработени во техниката акрилик на платно, работени во периодот од 2020 до 2024 година. Сликите имаат техничка еволуција од неговите претходни изложби, како што се „Код 1“ во Келн, Германија, „Код 2“ во Галеријата на Тирана во Албанија и „Код 3“ во Галеријата на Скадар во Албанија, како и оваа самостојно конципирана „Код 4“, во Националната галерија на Македонија обележана со софистицираност на изразните средства и обид за филозофирање.
– Овој уметнички настан се случува во центарот на Скопје, каде што ги гледаме традицијата и современата комуникација, една многу важна улога во контекст на неговата креативна индивидуалност. Во повеќето случаи, сликата е граматичка анализа, композиција, а во исто време дезинтеграција на оние алатки што историски му биле доверени на уметникот да се манифестира таму каде што креативното и животното искуство континуирано се негувале низ годините и страсно го чувале и сакале хроматското богатство – вели Зени Балажи, куратор на изложбата.
Според него, сите слики во оваа свечена пригода се разработени врз чувствителноста и хармонијата што сега се присутни и кодирани од уметничкиот аспект, конечно фиксирајќи ги неговата реалност, слики и емоции во структурите на неговите соништа. Уметникот комуницира со љубов во универзална слика, која се наоѓа далеку од нашето постоење, како нешто пооддалечено од непознатото до познатото, на фигуративен, едноставен и ветувачки начин.