Збирката есеи „Господ, па Америка“ од Румена Бужаровска, во издание на „Три“, неодамна беше промовирана во „Јавна соба“. Промоторот Ивор Мицковски истакна дека авторката е премногу скромна кога оваа книга ја нарекува збирка есеи, сметајќи дека станува збор за нешто повеќе од есеи, бидејќи во книгата се испреплетуваат и времеплов и патопис.
– Интересно е што кај нас, во една мала земја, излегува книга што има поширок здив, на шест месеци пред американските избори. Ова е една можност за сите оние што имаат интерес за американската политика да се запознаат малку поинтимно со состојбите, со историските, политичките и општествените прашања, во кои Румена многу длабока задира – рече Мицковски.
Есеите во книгата се пишувани последователно, а идејата потекнува од Семездин Мехмединовиќ, босански писател, кој долго време живеел во Америка. Првично авторката добила предлог да напише дневник за издавачката куќа „Бајбук“ од Сараево, за време на нејзиниот престој на книжевна резиденција во Швајцарија. Сметајќи ја идејата за пишување дневник по малку егоистична и дека луѓето што пишуваат дневници не се искрени, Бужаровска се одлучила за формата есеј.
– Знаејќи дека ќе одам на патување во Феникс, Аризона, му предложив на Мехмединовиќ да пишувам оттаму, бидејќи во Швајцарија ми беше многу досадно. Нему премногу му се допадна идејата, бидејќи и тој самиот живеел во истата област. И, така почна сѐ – рече Бужаровска.
Книгата оригинално е напишана на англиски јазик, а есеите последователно биле објавувани на српски јазик во „Велике приче“. Книгата го доби и своето прво македонско издание, во превод на самата авторка.