Во уметничката галерија „Пионери“, на 19 август, во 20 часот ќе биде отворена самостојна изложба на Ана Јовановска, наградувана македонска графичарка, графичка дизајнерка, авторка на уметнички книги и мултидисциплинарна уметница со седиште во Токио.
Нејзината уметничка практика произлегува од внимателно набљудување и интуитивна реакција на современото време, просторот и емоциите, истражувајќи ги нивните состојби во контекст на современиот дискурс. Преку преиспитување и прераскажување наративи и сеќавања, таа ги истражува односите меѓу јазикот, мислата и колективното искуство, поаѓајќи од идејата дека структурата на личната мисла и на општеството е обликувана од самата структура на јазикот. Во последните години, нејзиниот уметнички интерес е насочен кон одржливо производство на рачно изработена хартија, текстилна уметност и пишување, кои ги користи како медиуми за материјализација на идеите и уметнички израз.
Изложбата носи наслов „Повиена во истуткани соништа“ – слободна интерпретација на јапонските свитоци, кои преку материјалноста ја истражуваат врската меѓу традиционалното и современото, а преку сликите на искусеното и сонуваното, ја истражуваат разликата меѓу она што е куќа и она што е дом. Делата вклучуваат рачно шиени елементи и рачно печатен линорез со замислени пејзажи, простори за живеење и можни сцени, придружени со хаику на англиски јазик.

































