Музејот на современата уметност – Скопје викендов одбележи 60 години од основањето. Во рамките на настанот, ексклузивно по 35 години, беше изложено уметничкото дело „Доблест во нужност“ на познатиот италијански уметник Џанфранко Барукело (1924 – 2023). По катастрофалниот скопски земјотрес во 1963 година, уметниците од целиот свет во знак на солидарност започнуваат да подаруваат свои уметнички творби од кои се создава уникатната колекција на музејот. Делото на Барукело, кое е едно од најрепрезентативните донации на МСУ, е конзервирано од стручниот тим на музејот и ќе биде претставено пред јавноста овозможувајќи нови согледби и толкувања.
На јубилејниот настан во саботата беше претставен и новиот број на списанието за современа уметност, култура и теорија „Големото стакло“ бр. 35/36 (2023), насочено кон актуелните дебати во критичката музеологија и во кое се вклучени значајни оригинални прилози, кои се однесуваат на релациите помеѓу критичките музеи, претставувањето на културните различности, практиките на деколонизација, како и музеолошки концепти што ги адресираат и вончовечките простори.
– Поттикнат од преставувањето на колекцијата МСУ-Скопје во „Кунстхале“ – Виена во 2023 година, ова издание се насочува кон актуелните дебати во критичката музеологија и пристапите кон преиспитувањето на кураторските практики, музејските колекции, галериските простори и застапеноста на публиката. Во оваа насока се вклучени значајни оригинални прилози што се однесуваат на релациите помеѓу критичките музеи, претставувањето на културните различности, практиките на деколонизација, како и музеолошки концепти што ги адресираат и вончовечките простори. Меѓу авторите застапени со свои текстови се Катажина Муравска-Мутезиус, Соња Абаџиева, Јесус Педро Лоренте, Бојана Пишкур, Марија Ѓорговиќ, Фиона Камерон, Адам Ночек, кураторскиот колектив ВХВ и други – велат од МСУ.
Главен одговорен уредник на списанието е Тихомир Топузовски, а соработници во уредувањето на овој број се Ивана Васева и Владимир Јанчевски. Дизајнот на списанието е на Денис Сарагиновски.
Програмскиот дел за настанот во МСУ вклучи и стручно водење низ тековните поставки со кустос-водачката Бојана Јанева и симболичен коктел придружен со диџеј-сет на Игор Спироски, во неформална атмосфера. Наедно во книжарницата на МСУ е проширена понудата на изданија и производи што го слават музејот преку уметничкото и архитектонското наследство што произлегуваат од него, од неговото основање до денес.
Кустос-советничката Марика Бочварова Плавевска се осврна на историјата на музејот, почнувајќи од првите донации за негово основање по земјотресот од 1963 година, кога солидарноста на светската и на југословенската заедница во обновата на Скопје се изрази и со првите спонтани донации на уметнички дела. Такви, на пример, биле донациите на италијанскиот сликар Џузепе Сантомазо и германскиот графичар Хап Грисхабер, како и оние од приватната колекција на хрватскиот колекционер Герхард Ледиќ. Уште една спонтана реакција во овој период следувала и од познатиот црногорски и српски уметник Петар Лубарда, кој ги подари сите дела од самостојната изложба во таа 1963 година. Само неколку месеци по земјотресот во Скопје пристигнала збирка од над сто уметнички дела.
Комисијата за изработка на основачката програма на Музејот на современата уметност на своите први состаноци во есента 1963 година ја подготвила идејната скица за идната зграда на МСУ. Полскиот архитект и урбанист Адолф Циборовски, за локација на музејот го предлага брдото Кале во средиштето на скопската долина. Новата зграда на МСУ е отворена во 1970 година со поставувањето на првата постојана поставка, во која за првпат интегрално е претставена музејската колекција. Постојаната поставка доживеа уште две верзии во 1981 и 1986 година, вклучувајќи ги сегашните донации и аквизиции. Музејот од самиот почеток ја претставува современата уметност во сите нејзини визуелни и перформативни варијанти. В.Д.