Издавачката куќа „Арс ламина“ ќе ја промовира збирката раскази „Грамадата на пристаништето“ од словенечкиот писател Борис Пахор на 13 февруари (вторник), во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“. Во промоцијата на книгата ќе учествуваат Дарка Звонар Предан, публицистка и новинарка од областа на културата во мариборскиот весник „Вечер“, која ревносно го истражува творештвото на Пахор и која е авторка на поговорот во македонското издание, преведувачот од словенечки јазик Дарко Спасов и уредничката Бисера Бендевска, како модераторка на разговорот.
Збирката „Грамадата на пристаништето“ првпат е објавена во 1972 година во Љубљана и главно била наменета за средношколци и студенти, со многубројни белешки што би им користеле на помладите читатели. Во збирката се застапени шест раскази: „Грамадата на пристаништето“, „Пеперуга на закачалката“, „Бродолом“, „Цвеќе за лепрозниот“, „Ориент експрес“ и „Непоимливото прашање“. Секој од шесте раскази обработува вистински настани од животот на приморските Словенци по доаѓањето на власт на италијанските фашисти, а кои ги доживеал и самиот Пахор како дете и тинејџер.
Борис Пахор (1913 – 2022) е еден од најважните и најпреведувани словенечки писатели. Неговите дела се преведени на македонски, француски, германски, српски, хрватски, унгарски, англиски, шпански, италијански, каталонски, фински и есперанто. Најпознат е по автобиографскиот роман „Некропола“, за животот во концентрациониот логор Нацвајлер-Штрутхоф.