Нови книги

„Македоника литера“ деновиве го објави романот „Доставувачот на пораки“ од реномираниот кинески писател Лиу Лиангченг, во превод од кинески јазик на Кристина Стаменова. Лиу Лиангченг се смета за влијателен автор во Кина, особено во последните две децении, а во декември 2023 г. стана лауреат на највисоката книжевна награда во Кина, „Мао Дун“, за најновиот роман „Бомба“, за кој „Македоника литера“ веќе ги има правата за превод на македонски јазик.
Романот „Доставувачот на пораки“ (2019) е егзотична, мистериозна и филозофска авантура на доставувач на пораки и магаре. Во него има многу фантастични елементи и честопати се наведува читателот да се запраша каде е границата меѓу реалноста и заумноста, дали воопшто постои. Има и пасторални и филозофски елементи, а авторот го опишува односот меѓу луѓето и магарињата, односно најголемиот дел од приказната тече од магарешка, а помал дел од човечка перспектива. Заличува на надреална басна и по малку мистична, главните ликови се магариња, монаси, воини…, а дејството се случува во дамнешно неопределено време.
Фантастична, но и филозофска загатка, „Доставувачот на пораки“ е калеидоскопско патување до раскрсницата на војната, љубовта, верата и моќта. Лиу Лиангченг ја истакнува хармонијата меѓу човекот и природата во оваа чудна и сурова новела, држејќи се до својот писателски концепт „сè има дух“. Светот е полн со духови, но само магарињата можат да ги видат. Во меѓувреме, во човечкиот свет, војната и по сто години нема крај на повидок. За овој роман нема позитивни реакции само од книжевната критика туку и позитивни коментари од кинеските читатели, а особено е интересно прашањето за јазикот (главниот протагонист е преведувач/толкувач) и дали и колку можеме да ги искажеме нашите чувства докрај, користејќи го јазикот како алатка.
Лиу Лиангченг (1962) е роден во мало село на работ на пустината Гурбантонггут во Синѓианг. Работел како земјоделец, сточар (одгледувал овци) и администратор за земјоделски машини повеќе од десет години. Во раните години ја објавил стихозбирката „Сонце на жолтите песочни гребени“. По доаѓањето во Урумчи, активно се занимавал со прозно творештво, а автор е, меѓу другите, на прозните збирки „Дворот на ветрот“, „Селото со еден човек“ и „Куче за бесење“. Го напишал и романот „Празната земја“. Други негови попознати книги се: збирката раскази „Остаток“, романите „Доставувачот на пораки“, „Ровка земја“ и „Длабење“, збирките есеи „Животот под листот“ и „Во Синѓианг“. Позната е и книгата интервју со Лиу Лиангченг од Џим Велдон. Познат е како „последниот кинески есеист од 20 век“ и „филозоф на природата и селото“. Освен на наградата „Мао Дун“, добитник е на наградата за најдобра проза „Лу Сјун“ за 2014 година за неговата есеистичка збирка „Во Sинѓианг“. Ги добил и книжевната награда „Фенг Му“ во 2001 година за нова уметност и наградата „Баихуа“.