„Македоника литера“ од Скопје неодамна објави уште пет нови книги од антологиската серија „Најдобрата кинеска литература за деца“, со што досега се објавени вкупно 18 тома. Новите пет тома се: „Бадникова вечер“ (роман) од Хуан Беиѓиа, „Дрвото сладок портокал“ (раскази) од Цао Венсјуан, „Ноќта со змејот“ (новели) од Пенг Ји, „Големоглав син и малоглав татко“ (раскази) од Џенг Чунхуа и „Развигорот нежно дувка“ (басни и бајки) од Сун Ѓианѓианг. Преводот од англиски јазик е на Елена Саздовска, Дијана Крстевска, Славчо Пеев, Бојана Богдановска и на Сибел Ајдинова Бранковиќ.
Овие томови се, всушност, избор од прозата на најпознатите современи кинески писатели за деца и млади. Изборот е направен од самите автори, а освен предговорот, книгите содржат и осврт на авторите, кои го образложуваат својот избор и се осврнуваат на своето творештво. Серијата е реализирана во копродукција со издавачот „Делфин букс“ од Пекинг, НР Кина.

„Бадникова вечер“ е еден од најпознатите романи на кинеската писателка Хуан Беиѓиа (1955), која има богат книжевен опус, пред сè романи. Во овој роман таа пишува за растењето и за созревањето на децата во современиот свет, кои стануваат пореалистични, попресметливи, осамени и егоцентрични.
„Ноќта со змејот“ од Пенг Ји (1958) претставува избор од најрепрезентативните дела од фантастичните приказни на Пенг Ји, односно содржи три новели: „Ноќта со змејот“, „Цибетка со девет животи“ и „Тројца диноботи“. „Ноќта со змејот“ раскажува приказна за деветгодишно момче, кое случајно се спријателува со змеј што исфрла оган. „Цибетка со девет животи“ ја раскажува приказната за една убава 12-годишна девојка, која во домот на нејзината тетка поминува волшебно, но по малку застрашувачко лето. „Големоглав син и малоглав татко“ е најпознатото дело на кинеската писателка Џенг Чунхуа (1959), кое во Кина со години е бестселер и е едно од најрепрезентативните дела во литературата за деца. „Развигорот нежно дувка“ содржи избрани басни и бајки на Сан Ѓианѓианг (1946). Басните се куси, но предизвикуваат размислување со извонредно изведени заплети и техники за пишување. „Дрвото сладок портокал“ ги содржи најрепрезентативните 12 раскази напишани од Цао Венсјуан (1954), кои претставуваат четива за светот на вистинското, доброто и убавото.