Амбасадата на Франција и Францускиот институт во Скопје, во соработка со Град Скопје и Фондацијата „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, го најавуваат првото издание на фестивалот на улична уметност „Френч конекшн“, кое се одржува денеска и утре во Скопје. Фестивалот е прва иницијатива во рамките на соработката помеѓу Францускиот институт во Скопје и Фондацијата „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, воспоставена со потпишувањето на меморандумот за соработка на 15 октомври 2026 година. Меморандумот има цел да ја поттикне културната и уметничката размена меѓу Франција и Македонија, со посебен акцент на развојот на културните и креативните индустрии во пресрет на „Скопје 2028“.
Ова издание има амбиција да прерасне во годишен настан, кој ќе ги поврзува уметниците, публиката и градовите преку современи уметнички форми достапни за сите.
По перформансот „Селест“ на трупата „Деплиме“ од Музејот на градот Скопје, по улицата Македонија, преку Камениот мост, до платформата пред Универзитетот на Југоисточна Европа и официјалното отворање, вечерва во 20 часот на плоштадот „Карпошово востание“ ќе се претстави „Фратело“ на трупата „Бестија“. Двајца уметници и совршена координација. „Фратело“ е динамичен перформанс, кој низ движењето ги истражува довербата и поврзаноста меѓу двајца сценски партнери и комуницира без зборови. Во 21 часот, на фонтаната „Лотос“ во Градскиот парк ќе се одржи „Танцот на водните нимфи“ на трупата „Гвам“ – музички и визуелен спектакл и имерзивно искуство што ја носи публиката во волшебниот свет на морските длабочини, преку флуидни движења, фосфоресцентни бои и хипнотички звуци. „Танцот на водните нимфи“ ќе биде изведена и во Тетово и Битола.