Во галеријата на Факултетот за ликовни уметности – Педагошка во Скопје е поставена изложбата „Превидувања“, на која учествуваат уметниците Соња Ставрова Кирковски, Ивана Секулоска и Ана В’чкова, под кураторство на Тијана-Ана Спасовска. Преку три различни уметнички практики, уметниците ги отвораат прашањата за женското тело како политички простор, невидливиот женски труд и правото на сигурност. Изложбата ги преиспитува општествените очекувања што ги обликуваат женските тела, однесувањето и идентитетите, како и начините на кои родовите норми се пренесуваат, повторуваат и постепено се интернализираат, сè додека не почнеме да ги доживуваме како сопствени избори.
Што значи да се живее во женско тело во свет што веќе одлучил како тоа тело треба да изгледа, што треба да прави и колку простор смее да зазема? Што значи да се порасне како девојка во општество што нуди еден правилен калап за што значи да се биде жена, иако ниту една од нас не може, ниту треба, целосно да се вклопи во него? Овие прашања се појдовна точка на изложбата „Превидувања“, која ги поврзува телесното искуство, домашниот и виртуелниот простор, визуелната култура и општествените претстави за женственоста. Делата ги истражуваат механизмите преку кои се распределуваат трудот и одговорностите, се поставуваат границите на слободата и се одредува како се гледаат жените и што се очекува од нив. Во фокусот се и искуствата што остануваат незабележани или потиснати зад навидум вообичаените слики на семејството, домот, интимните релации, убавината и секојдневието. Изложбата „Превидувања“ ги повикува посетителите заеднички да ги преиспитаат нормите што го обликуваат женското искуство и да размислат за можностите за создавање посигурни, поинклузивни и посолидарни простори на живеење.

Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам
Соња Ставрова Кирковски во својата уметничка практика ја користи фотографијата како медиум за истражување на општествените прашања и современите глобални и локални случувања. Ивана Секулоска е мултидисциплинарна уметница, дизајнерка и креативна директорка. Нејзината практика опфаќа визуелна уметност, графика, сценографија, костимографија, моден дизајн, накит, објекти и просторни инсталации. Ана В’чкова (1998) е дипломирана визуелна уметница на отсекот сликарство, модул сценографија. Нејзината уметничка практика опфаќа различни медиуми, меѓу кои сликарството, фотографијата, графичкиот дизајн и видеото. Тијана-Ана Спасовска е историчарка на уметноста. Нејзините професионални и истражувачки интереси се насочени кон критичката култура и теорија, современите кураторски практики, развојот на публика и начините на кои уметноста и културата можат да придонесат кон демократизацијата на општеството и создавањето инклузивни јавни простори.

С.Ј.