Дваесет и едно лице побарало лекарска помош по синоќешните судири меѓу демонстрантите и полицијата во албанската престолнина Тирана, соопшти албанското Министерство за здравство и социјална заштита.
Според информациите од здравствените власти, во Универзитетската болница во Тирана биле примени осум полицајци, 10 демонстранти и тројца случајни минувачи.
Министерот за внатрешни работи Ервин Демо изјави дека во протестите, кои се одржуваат четврти ден по ред, досега се повредени вкупно 156 лица, од кои 97 се припадници на полицијата.
За време на синоќешните демонстрации, учесниците фрлале камења кон полициските службеници, палеле клупи и канти за отпадоци и оштетувале јавна инфраструктура. Протестите траеле повеќе од 10 часа, а поголеми собири имало пред парламентот и во близина на кабинетот на премиерот Еди Рама.
Тензиите дополнително ескалирале во близина на парламентот, каде што полицијата употребила водени топови за да ја растера толпата, откако демонстрантите продолжиле да фрлаат камења кон полициските сили.
Протестите се предводени од студенти кои бараат оставка од премиерот Рама. Тие следуваат по неколкумесечни мирни собири за кои организаторите тврдат дека владата не ги зела предвид нивните барања.
– Владата нè доведе до крајни граници – порачаа организаторите, повикувајќи го премиерот да поднесе оставка што е можно поскоро.
Студентите ги обвинуваат властите за корупција и запоставување на образованието. Незадоволството е зголемено и поради плановите за изградба на туристички комплекс на дел од албанското крајбрежје, за кој се наведува дека е поврзан со Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп.
Освен во Тирана, протести вчера се одржале и во Лежа, Елбасан, Скадар и Корча, што укажува на ширење на незадоволството и надвор од главниот град.
































