Пишуван е, како што вели и самиот автор, по повод 120-годишнината од смртта на Делчев (1903 – 2023) и со него сака да го врати македонското достоинство, кое е газено од една рака профитери, кои на очиглед на целиот македонски народ продаваат сѐ што е македонско, заборавајќи дека душата на Македонецот не е на продажба

Деновиве од печат излезе драмскиот ораториум „Баница 1903 – Стратегот на македонскиот универзум“ (во 14 сцени со пролог и епилог), посветен на 120-годишнината од погибието на еден од најголемите синови на Македонија и на македонската револуционерна борба – Гоце Делчев. Рецензенти се: историчарката Виолета Ачкоска, лингвистот и експерт за културно наследство Александар Јорданоски и драматургот Трајче Кацаров. Тие, секој од својот научно-книжевен и драмски аспект, пишуваат за драмскиот ораториум. Корицата е на македонскиот уметник Сергеј Андреевски. Издавач е „ПНВ-публикации“ од Скопје.
Автор е годинешниот добитник на наградата „Ацо Шопов“, која ја доделува ДПМ, Зоран Пејковски. Станува збор за драмски ораториум, кој е прв во македонската драматургија во кој преку историско-документаристички приказ е прикажан ликот на Гоце Делчев, еден од најголемите синови на Македонија и на македонската револуционерна борба. Пишуван е, како што вели и самиот автор, по повод 120-годишнината од смртта на Делчев (1903-2023) и со него сака да го врати македонското достоинство, кое е газено од една рака профитери, кои на очиглед на целиот македонски народ продаваат сѐ што е македонско, заборавајќи дека душата на Македонецот не е на продажба.
– Само душата останува чиста и чесна. Тие и таквите, со секојдневното вршење на социопатолошкото насилство врз Македонците, докажаа дека немаат чувство за припадност, за корен. Всушност, тие асоцијални типови по секоја цена сакаат да ги погребаат Македонецот и неговото достоинство, заборавајќи дека Македонија е впиена во крвта на секој чесен Македонец – вели авторот.
Како што додава, кога ќе прочитате за деветте кодоши, кои кодошејќи директно учествуваа во смртта на Гоце Делчев, веднаш ќе ви стане јасно дека историјата ни се повторува, дека овие изроди што сега ги распродаваат Македонецот и македонското достоинство се истите тие кодоши и предавници што за пари распродаваат сѐ. Впрочем, и најзначајната сентенца за смртта на Македонија уште во 1903-та година ја кажува Димо Хаџи Димов за смртта на Гоце Делчев. Тој ќе рече: „Петнаесет часа ние го гледавме мртвиот Гоце како да беше наведнат врз гробот на Македонија. Петнаесет часа ни се кинеа срцата, зашто осиромашуваше цел еден народ…“
Рецензентката Ачковска ќе забележи дека со суптилниот, возбудлив поетско-драмски јазик, Пејковски ни презентира една историска епопеја во која централна личност е корифејот на македонската револуционерно-ослободителна борба – стратегот Гоце Делчев, а силните пораки вткаени низ чекорењето на една врвица на бесмртните, топлината на душата и жестокоста на гневот, куршумот смртоносен во жарот на животот и раскрилените длабоки мисли го оплодуваат зборот „за стиховите да си имаат своја татковина“.

– И овој пат, како и низ другите негови дела посветени на големи личности и настани од македонската историја, тој се појавува како неуморен трагач по вистината низ различните временски димензии, низ зачуваните сеќавања на сведоците и нивните потомци, низ достапните документи и напишаните дела на историчарите и публицистите – вели таа.
Рецензентот Александар Јорданоски смета дека овој драмски ораториум има пребогат стилски и зборовен и реченичен израз со кои се опишуваат посебноста и возвишеноста на ликот на најголемиот македонски син во македонската револуционерна борба, но и загубата на цел еден свет рамен на универзум, еден недосонуван сон, а сонот бил жестоко спречен.
Трајче Кацаров, пак, меѓу другото ќе забележи дека ова дело на Пејковски иако има цврстата драмска структура, односно строгото почитување на принципите во структурирањето на драмското дејство, сепак, а почитувајќи го квалификативот и на самиот автор, можеме да го карактеризираме како драмски ораториум.
Зоран Пејковски е македонски драмски писател, драматург, поет, сценарист, прозаист, публицист, театролог и единствен натуралист во македонската литература. Тој е и доцент од областа драматургија на „Европа Прима“. Автор е на 20 драмски дела, на четири сценско-драмски рецитали, на 24 збирки песни, еден роман, еден препев, четири научноистражувачки книги од театрологијата, три публицистички книги и над 50 дела од областа на научната мисла, на литературната критика и на рецензии за книжевни дела и театарски изведби. М.Т.