Фото: Град Скопје

Дали Град Скопје ќе ја отстапи Универзалната сала на Владата ќе одлучи Советот на Скопје, соопшти денес градоначалничката Данела Арсовска. Извести дека има иницијатива од дел од советниците салата времено да се отстапи на Владата.

– Универзалната сала е симболот на градот. Тоа не е одлука која што јас како градоначалник, ниту можам ниту сакам да ја направам. Истата поради несоодветно планирање и проектирање е соочена со бројни проблеми и сметам дека овие работи треба да се дискутираат и разговараат како точка на дневниот ред како иницијатива. Одлука не може денес да се донесе – порача Арсовска.

На 16 ноември лани, министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, информираше дека имаат комплетна согласност од градоначалничката за Универзална сала целосно да ја преземе Министерство за култура. Истиот ден, Градот Скопје соопшти дека околу ова прашање Градот ќе изјасни откако ќе добие официјално барање од министерството.

Арсовска денес побара поддршка од советниците на град Скопје со цел да се реализира тоа што им е ветено на граѓаните.

– Тие да не се водат од партиски интереси. Тоа што тие ги блокираат проектите, последиците ги чувствуваат граѓаните – рече градоначалничката.

Таа апелира советниците да ги надминат политичките игри за граѓаните да не бидат заложници на политиката и побара поддршка и за предложената набавка на еко- автобуси и за намалување на цените на такси – услугите.

– На оваа седница од советниците на градскиот Совет бараме поддршка за набавка на новите еко-автобуси кои ќе немаат емисии на загадување во воздухот и кои ќе го заменат старите дотраени автобуси кои не нудат задоволително ниво за услуга на граѓаните – истакна Арсовска.

Таа посочи дека со набавката на овие автобуси ќе има дополнително подобрување во јавниот превоз преку намалување на трошоците и на негативниот ефект врз животната средина.

Најави дека денеска пред советниците ќе се најде и одлука за субвенционирање на граѓани и на такси превозници за набавка на нови еко-возила на хибриден или електричен погон.

– Овој пилот проект кој за прв пат се имплементира во Македонија и со која Градот Скопје ќе субвенционира 200 илјади денари по возило. Овој проект на Градот Скопје е дел од ветувањата на програмата за Модерно Скопје, а во оваа фаза го лансираме како пилот проект со кој се детектираат потребите и интересот на граѓаните за истиот – рече Арсовска.