Фото: МИА/Архива

Рочиштето за „Титаник 2“ го одложи судењето за „Таргет-тврдина“, по испитување на еден сведок, за потоа и тоа да биде одложено, поради неуредна покана за обвинетите и адвокатите. Во двата предмета е обвинет поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Испитувањето на вториот од предвидените пет сведоци во „Таргет-Тврдина“ ќе продолжи идниот месец. Секој ден е важен за овој предмет за кој утврдени се два термини во април и пет термини во мај. Кривичен соопшти дека судијата Илија Трпков има во план забрзано да го суди. Свесен е дека предметот е обемен, дека мора да постапи согласно насоките од Апелација која ја укина пресудата.

Застарувањето на делата за Мијалков и другите обвинети за прислушувањето ќе значи дека државата ќе треба да им плаќа отштета на сите незаконски прислушувани граѓани. Ова е трето по ред прислушување, кое е на пат да остане неказнето.

Следната јавна седница за „Титаник 2“ е закажана за 13 април. Делото на поранешниот директорот на УБК, Сашо Мијалков, му застарува на 7 април. Ова значи дека на него нема да му се суди за изборните нерегуларности. На јавната седница закажана за денеска не дојде обвинетиот Мендух Тачи, па пропадна обидот да се донесе брза пресуда.

Случајот „Титаник 2“, за изборните нерегуларности, два пати влезе во судница во Кривичен суд и по втор пат е во Апелација. Мијалков се гонеше за примање награда за противзаконито влијание.

Првата пресуда за „Титаник 2“ беше укината од Апелација во декември 2019 година. Од тогаш до јануари 2023 година предметот се судеше во Кривичен суд. Судиите Огнен Ставрев и Осман Шабани одново ги прогласија обвинетите за виновни. На повтореното судење, ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков е осуден на казна затвор од две години. Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, исто така доби казна затвор од две години.