„Живи рани, мелем песни“ е поетската збирка од Габриела Стојаноска, што беше промовирана синоќа во Прилеп. Се работи за прва поетска збирка на авторката, што ја промовираше писателката Оливера Андоноска, која посочи дека „Живи рани, мелем песни“ од Габриела Стојаноска е дом.
– Збирката е дом во кој можеме да се стутулиме со целиот свој мрак, мисли, љубов, страст, искуства, со сите именувани и безимени таги и да пронајдеме разбирање. На некој чуден начин нејзината поезија не бара да ја разбереме, туку одеднаш сфаќаме дека таа нè разбира нас. И ни станува удобно. И безбедно. Како дома… Габи нè тера да ги осветлиме и најскриените агли и во домот и во телото како дом, и во умот, и во срцето. Да погледнеме и таму од каде што најмногу го вртиме погледот. Да се откриеме целосно. И да сфатиме дека тоа не е страшно. И да ја фатиме мелем песната во создавање од живата рана. И да учиме одново што е човек, колкава е неговата сила, и одново да го засакаме животот читајќи ја, да му се препуштиме… Габи е доживување, нејзината поезија е доживување, бранувања и намовнувања на сите тревки по кожата и умот. Засебен организам со свој ритам на вдишување и издишување, свои мириси, текстури, бои, сладости, со свои игри на заводливост, со свој јазик, кој многу често се раѓа низ силен вител, сосема целосен и неоштетен. Оваа поезија нема потреба да докажува ништо, не е принудена од ништо и на ништо, таа е стамена структура во која ниту авторката ниту читателите не се одделуваат од себеси, не се отуѓуваат од себе, не бегаат, туку се доближуваат и тоа станува прекрасно искуство натопено со сите емоции и сите нивни нијанси. Оваа поезија е само огледало на нејзиниот силен мисловен и емоционален свет – рече на промоцијата Андоноска.

Стихови од „Живи рани, мелем песни“ интерпретираше актерката Лора Штарго, која неодамна дипломираше на ФДУ.
Габриела Стојаноска дипломира и магистрира на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет во Скопје. Работи како наставничка по македонски јазик во основното образование. Повеќе години беше уредник на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“. Има објавено три збирки раскази – „Гола“ (2007), „Приказни за краткоста – раска(з)(ж)и за своја душа“ (2019) и „Сега би пишувала за…“ (2022), научната студија „Кусиот расказ и сонот – компаративни паралели низ призмата на неколку критички методи“ (2018) и збирката драми „Драми (Трудници/Тајни)“ (2020). Добитничка е на повеќе книжевни награди. Застапена е со раскази во повеќе антологии, има објавувано поезија, проза, есеи и рецензии. Ка.М.





































