Промоција на книгата „Телесност и отелотворување: иконографии на човечкото тело“ на Гоце Наумов ќе се одржи в среда во кино-салата на Музеј на Северна Македонија.

Промотор на книгата ќе биде проф. д-р Никос Чаусидис, а во рамки на овој настан ќе настапи и џез-составот „Некст ту сајлнс“.

Како што соопшти авторот, „Телесност и отелотворување“ ги обработува можните форми на проучување и разбирање на претставеното човечко тело во минатото. Иако, главно, се заснова на неолитските фигурини и антропоморфните хибриди, ова дело оди чекор подалеку од археологијата и посегнува по други хуманистички дисциплини, како што се антропологијата, социологијата и филозофијата.

Тоа значително го проширува толковниот опсег со чија помош темелно се разгледува иконографијата на телото и социјално-симболичкиот контекст во кого тоа е вклучено.

Како што посочува, ваквото ангажирање на теориската мултидисциплинарност се покажува како поиздржан научен пристап отколку елементарното дескриптивно интерпретирање на артефактите и потврдува колку длабоко може да се навлезе во повеќезначноста на предметите и сликите коишто прикажуваат човечко тело. Дотолку повеќе што ова вмрежување на толковните хуманистички пристапи и симболичкиот капацитет на артефактите дополнително покажува како може темелно да се разбере и светот во кој се создадени овие антропоморфни претстави.

– Во таа смисла, ова дело во голема мера ѝ помага на археологијата при проучувањето на луѓето во минатото, но во исто време може да се ползува и во рамките на историјата на уметноста, етнологијата, социологијата, театрологијата или синеастиката, односно во сите студии што се концентрирани на иконографиите и перформативноста на човечкото тело – се вели во соопштението на авторот.