Збирката „Културолошки точки на Македонија“ од м-р Александар Јорданоски ќе биде промовирана во Домот на млади во Штип, в петок од 19 часот.

Во својата втора книга, Јорданоски има поместено 23 текстови објавени претходно како колумни, ставови или рецензии во македонската периодика. Како што е истакнато во рецензиите на книгата, секој еден текст од неа претставува своевидно негодување на актуелната политичка состојба, пред се, во однос на третманот и заштитата на културното наследство, што е всушност и професионална определба на авторот.

– Со оглед на долгогодишниот ангажман на Александар Јорданоски во институции кои се грижат за наследството, материјално и нематеријално, управуваат со него и креираат политики за негово функционирање во сите сфери на општествениот живот, оваа збирка негови текстови претставува ориентир кој треба да се консултира во сите натамошни обиди за сериозен дијалог во врска со културното наследство и неговата историска орбита. Како одличен познавач на легислативата, законите и актите кои се однесуваат на наследството во целина, музеологијата, музеолошките практики и заштитата, Јорданоски во оваа збирка текстови поставува круцијални прашања и дава насоки, сугестии, упатници и одговори кои ги прецизираат категоријалните одредници на културното наследство – соопшти организаторот на промоцијата.

Модератор на настанот ќе биде м-р Даниела Станковска-Плачковска, а промотори историчарот м-р Марјан Гијовски и книжевникот д-р Марјан Патлиџанковски. Влезот е слободен.

Книгата „Културолошки точки на Македонија“, неодамна беше успешно претставена и во Сплит, Хрватска.