Фото: З.А.

Во Центарот за култура во Кичево, утре во 12 часот, ќе биде промовирана првата книга на Миле Новески – Мајкл со работен наслов „Кичево на пет континенти“. На 100 страници авторот ја пресликал својата автобиографија во сите периоди од својот живот од раѓањето до денес. Книгата е лесно разбирлива и прифатлива и ако почнете да ја читате не ве остава на мира се додека во целост не ја прочитате.

– Книгата „Кичево на пет континенти“ почнав да ја пишувам пред точно една година и за 12 месеци го заокружив ова мое дело на кое сум особено горд. Инспирација за оваа книга ми беше мојот животен пат, богат со преселби во земји и градови каде запознав многу свет а животната приказна ме одведе да згазнам дури на пет континенти. Напишана е со искрена намера, на сите мои пријатели,познаници, другари и читатели да им ја прераскажам својата животна приказна и да им помогнам да се присетат на времињата минати. Им благодарам на сите оние кои се вклучија во подготовката и издавањето на овој мој труд – истакна авторот Новески, кој своето прозно првенче го издаде во 300 примероци.

Покрај оваа книга, Миле Новески на промоцијата ќе претстави и голем број фотографии од голем формат кои ги фотографирал во периодот кога живеел во Австралија,патувал низ Азија, Африка, Америка, Европа и родната Македонија. Тој за сите години кога патувал низ светот бил неразделен од својот фотоапарат, а како резултат на таа дружба се и овие уникатни фотографии.

– Моето патување и обврски низ светот ме поттикнаа редовно со себе да го носам и фотоапаратот а како резултат на нашата дружба се и овие над 50 фотографии во голем формат, кои се добиени во изминатите 50 години, период кој го поминав низ светот и кога посетив над 50 земји на пет континенти – додаде Новески кој после пензионирањето реновира една стара куќа во село Миокази, Кичевско, каде го обезбеди својот земски рај. З.А.

Фото: З.А.