ТРИЕСЕТ И СЕДМА ЛИКОВНА КОЛОНИЈА „ГАЛИЧНИК“
Со 37 години континуитет и повеќе од 400 учесници од Македонија и од светот, ликовната колонија „Галичник“, која ќе се одржи од 12 до 19 август, се етаблира како една од најреномираните традиционални меѓународни уметнички колонии во земјата и препознатлива платформа за современа визуелна уметност во регионот. Богатата колекција создадена низ годините претставува значаен сегмент од македонското современо културно наследство.
– Успехот на ликовната колонија „Галичник“ не произлегува од еден елемент, туку од внимателно граден концепт што речиси четири децении ги обединува врвните домашни и меѓународни уметници, авторските кураторски концепти, современата уметничка продукција, богатата колекција создадена низ годините, активната комуникација со локалната заедница и посветеноста кон културното наследство како жив простор за современо творештво. Благодарение на оваа синергија, колонијата одамна го надмина моделот на традиционалното ликовно сликање на отворено (plein air) и прерасна во современа меѓународна уметничка резиденција, препознатлива по својот професионален кредибилитет и културно влијание – велат организаторите.
Концептот на 37. издание – „Галичник како медиум“ – го поставува селото не како инспиративна сценографија, туку како активен медиум на уметничкото создавање. Планината, камената архитектура, природата, светлината, звуците, тишината, традицијата, локалните жители и колективната меморија стануваат рамноправни чинители во креативниот процес. Уметниците не доаѓаат само да создаваат дела во Галичник – тие создаваат со Галичник, претворајќи го просторот во жива лабораторија за современа уметност.
– Посебна вредност на колонијата претставува нејзината отвореност кон јавноста. Покрај творечкиот процес, програмата вклучува презентации и разговори со уметниците (14 и 15 август), како и традиционална работилница со деца (16 август), со што современата уметност се доближува до пошироката публика и станува дел од секојдневниот културен живот. Секој двегодишен циклус завршува со репрезентативна биенална изложба и каталог, кои ги документираат новосоздадените дела и претставуваат траен запис за секое издание и за сè поголемата меѓународна репутација и професионална видливост, потврдувајќи ја ликовната колонија „Галичник“ како една од најрелевантните платформи за современа визуелна уметност во Југоисточна Европа – додаваат организаторите.
И оваа година колонијата ги задржува својот силен меѓународен карактер и исклучителна селекција, обединувајќи уметници со различни генерациски, културни и медиумски искуства: Нина Тодоровиќ (Србија), Радостин Седевчев (Бугарија), Зденко Бужек (Хрватска), Арт Чибукчиу (Косово), Клеменс Гахтер (Австрија), Предраг Терзиќ (Србија), Фук Нгујен (Виетнам / Холандија), Сами Каваниши (Јапонија), Елпида Хаџи-Василева (Македонија), Кристина Пулејкова (Македонија). Нивните различни културни искуства, уметнички јазици и медиуми ќе се сретнат во уникатниот амбиент на Галичник, создавајќи нови дела што ќе станат дел од колекцијата на колонијата и ќе бидат претставени на биеналната изложба во 2027 година.
– Ликовната колонија „Галичник“ не продуцира само уметнички дела за време на престојот на авторите. Таа создава знаење, истражувања, нови уметнички практики, трајна музејска колекција и меѓународни професионални мрежи што продолжуваат да живеат и по завршувањето на резиденцијата. Токму затоа Галичник не е само музеј на минатото туку жива лабораторија на современата уметност, каде што наследството не се чува зад стакло, туку постојано се преиспитува, се трансформира и повторно се создава. Затоа Галичник не е само место. Тој е медиум – се потенцира во најавата. В.Д.
































