Златка Кувенџиска, програмска координаторка на „Дрим шорт“
Во Паркот на поезија во Струга се одржа десеттото јубилејно издание на фестивалот на краток филм „Дрим шорт“, во чии рамки публиката можеше да види филмови од пет натпреварувачки програми: меѓународна, регионална, национална, студентска и специјалната програма „Соочување со минатото“.
Кога ќе направите една ретроспектива, кој е најголемиот успех на фестивалот и што ве мотивира да продолжите понатаму?
– Најголемиот успех на фестивалот e фактот дека „Дрим шорт“ стана важна и пред сѐ драга филмска дестинација за филмските уметници од Македонија и регионот, нивна задолжителна станица без разлика дали нивните филмови се дел од програмата. Горди сме и на луѓето што го прават фестивалот да биде тоа што е и покрај сите предизвици изминативе десет години. Ние продолжуваме со нашата цел Струга да ја ставиме на светската карта на филмски фестивали со гости од целиот свет. Нѐ мотивираат публиката, авторите, потребата за култура во Струга и желбата за позитивни промени.
Годинашното мото „Капка по капка – езеро“ носи силна симболика. Како оваа идеја се пресликува во визијата на фестивалот?
– Како што секоја капка придонесува да се создаде едно езеро, така и секој волонтер, партнер, соработник, автор, гостин и посетител придонесува во создавањето на нашето „фестивалско езеро“. Фестивалот не го создава само организацискиот тим туку го создаваме сите заедно. Нашата цел е ова фестивалско езеро да продолжи да расте и „Дрим шорт“ да стане регионално јадро за краткиот филм. Нашата визија е Струга, која е позната и како град на поезијата, да се развива и да стане и град на филмот.
Во програмата имаше повеќе натпреварувачки селекции, мастеркласови, специјални програми и музички настани, што не смееше публиката да пропушти?
– Иако официјално не беше дел од програмата, на гостите што дојдоа од други градови и држави најпрво им препорачав да не пропуштат к’пење во Дрим. Секако, се шегувам, иако тоа навистина е посебно струшко искуство.
Тешко ми е да издвојам само еден настан, бидејќи сите фестивалски денови беа внимателно осмислени и секој имаше своја енергија. Верувам дека секој посетител можеше да пронајде нешто што ќе го заинтересира, без разлика дали е филмски професионалец, студент, љубител на краткиот филм или едноставно случаен минувач.
Оваа година во Струга дојдоа реномирани сценаристи како Пјер Хоџсон и Масимилијано Нардули, па колку е важно за младите автори да имаат можност да учат од вакви имиња?
– Пјер и Масимилијано се наши драги пријатели, но во светот на филмот тие се и двајца исклучително важни сценаристи и ментори за сценарио, кои оставиле трага во европската кинематографија. Да ги угостиме уште еднаш во Струга е чест и задоволство и веруваме дека секој од нив на свој луд начин ќе ја заинтригира филмската фела, но и општата публика што ќе дојде на нивните предавања. И самиот организациски тим на „Дрим шорт“ е составен од млади луѓе и филмаџии. На сите нас во одреден момент ни била дадена можност да учиме од поискусни професионалци, да ги развиваме своите знаења и да напредуваме во своите професии. Токму затоа чувствуваме одговорност преку едукативната програма на фестивалот да им овозможиме слични можности и на новите генерации. Ваквите средби се исклучително важни затоа што младите автори добиваат можност директно да поставуваат прашања, да слушнат искуства од долгогодишната професионална практика и да разберат дека создавањето филм е процес што бара време, посветеност, соработка и постојано учење.
Една од мисиите на фестивалот е промоција на македонската кинематографија, колку е важно да им се даде простор на младите автори на почетокот од нивната кариера?
– На младите автори мора да им се обезбеди простор во кој ќе можат слободно да создаваат, да експериментираат и да ги развиваат своите идеи. Но потребни им се и поддршка, видливост и можност нивните дела да стигнат до вистинска публика. Токму тоа е целта на програмата „Студенти во фокус“, своите филмови да ги прикажат во професионален фестивалски контекст, да се сретнат со публика, други автори и филмски професионалци и чувство дека нивниот труд е препознаен. Токму затоа разговорот со Никола Ристановски ќе биде посветен на македонските студенти и осврт кон нивните дела, нешто што ќе им помогне да продолжат да растат како филмски автори. Поддршката на младите не треба да биде само симболична туку и континуирана и конкретна. Истовремено, преку националната натпреварувачка програма ги славиме македонските филмови и им даваме простор на домашните автори и филмски работници. Само преку заемна поддршка можеме да изградиме посилна македонска кинематографија. Успехот на фестивалот не може да се одвои од успехот на авторите чии филмови го создаваат фестивалот.
Каква е вашата визија за следните години и во кој правец би сакале да отплови фестивалот?
– За нас „Дрим шорт“ е веќе дома. Во изминатите десет години фестивалот го создававме пред сè од љубов кон Струга и од желбата на стружани да им понудиме нешто поинакво. Фестивалот започна од потребата за промена и за збогатување на културната сцена во градот. Во следните години сакаме да стане постабилен, поодржлив и да прерасне во организација што ќе работи во текот на целата година. Нашата желба е да организираме проекции, едукативни програми, работилници и други културни настани и надвор од летната фестивалска сезона. За тоа се потребни долгорочна институционална и финансиска поддршка, како и разбирање дека културата не може да се развива исклучиво преку ентузијазмот и волонтерската работа на младите луѓе.
Би сакале „Дрим шорт“ да продолжи да расте и да се развива кон поголема меѓународна видливост, посилни регионални соработки и уште поголема поддршка за македонските автори. Но без разлика колку далеку ќе допре, неговиот дом секогаш ќе остане Струга.
































