Романот „Последните денови на Ханс“ од македонскиот писател Михајло Свидерски е преведен на бугарски и објавен во издавачката куќа „Персеј“ од Софија.
Младиот македонски писател Михајло Свидерски напиша роман што го зазема местото на најистакнатите творби на новата европска литература, напишаа бугарските медиуми за новото издание на „Последните денови на Ханс“ во Бугарија.
– Освен што романот е мајсторски извајан, со исклучителен психологизам, забележително е тоа што тој се занимава со актуелни теми за слободата, самотијата, стравот и насилството што раѓа насилство. Овој роман, иако објавен 2018 година, прави предвидување и на пандемијата, која се случува две години подоцна, во 2020 година. „Последните денови на Ханс“ е дело што го надминува Балканскиот Регион и се вбројува во делата од светски ранг – велат бугарските критичари за најновиот превод на Свидерски во Бугарија.
Михајло Свидерски е автор на неколку збирки поезија и на романите „Бело и црвено“ (2014), „Последните денови на Ханс “(2018) и „Синовите на Адам“ (2022). Преведуван е на повеќе јазици и добитник на неколку домашни и меѓународни книжевни награди.