МАКЕДОНИЈА НА МЕДИТЕРАНСКИТЕ ИГРИ
- Во изминатите три настапи како независна држава, македонските спортисти создадоа низа успешни спортски приказни, стекнаа драгоцено меѓународно искуство и освоија медали, кои се потврда за нивната посветеност и работа и за развојот на македонскиот спорт
Од првиот настап како независна држава до денес, македонските спортисти освоија 14 медали на Медитеранските игри (МИ), од кои три злата, две сребра и девет бронзи. Сите медали се освоени во индивидуални спортови, а најголем број резултати доаѓаат од борење, карате, таеквондо и бокс. Со претстојното учество на 20. МИ во Таранто (Италија), Македонија по четврти пат ќе биде дел од едно од најзначајните мултиспортски натпреварувања во Медитеранскиот Регион. Во изминатите три настапи како независна држава, македонските спортисти создадоа низа успешни спортски приказни, стекнаа драгоцено меѓународно искуство и освоија медали, кои се потврда за нивната посветеност, работа и развојот на македонскиот спорт.
На Собранието на Интернационалниот комитет на МИ (ИКМИ), одржано во Пескара (Италија) во 2009 година, Македонија, преку Македонскиот олимписки комитет (МОК), беше официјално примена како полноправна членка на оваа меѓународна спортска организација, со што ги стекна условите за учество на Медитеранските игри, велат од МОК.
Македонија првпат настапи како независна држава на МИ во 2013 година во Мерсин (Турција). Со делегација од 116 спортисти, Македонија беше претставена во 19 спорта и освои пет медали, од кои едно сребро и четири бронзи. Најголемиот дел од освоените медали во Мерсин дојдоа од борачките спортови, со што уште на првото учество беа потврдени силната традиција и квалитетот на македонските спортисти во овие дисциплини.
Вториот настап следуваше во 2018 година во Тарагона (Шпанија). Овие игри останаа запаметени како најуспешниот настап на Македонија според бројот на освоените медали. Македонските спортисти освоија вкупно шест медали, меѓу кои и првите златни медали во историјата на македонските настапи на МИ. Каратистот Берат Јакупи го освои првото злато за Македонија, а со златен медал се закити и борачот Магомедгаџи Нуров. Дополнително, таеквондистот Дејан Георгиевски освои сребро, додека бронзени медали освоија каратистите Ненад Келебиќ и Жарко Арсовски, како и борачот Дејан Митров.
Последниот настап пред Таранто 2026 беше во 2022 година во Оран (Алжир). Македонската делегација освои три медали, од кои едно злато и две бронзи. Борачот Магомедгаџи Нуров повторно се искачи на највисокиот пиедестал, додека Владимир Егоров, исто така во борење и Дејан Георгиевски во таеквондо освоија бронзени медали.
Несомнено освоените медали се резултат на долгогодишната работа, посветеноста и дисциплината на спортистите, но и на придонесот на МОК, националните спортски федерации, тренерите и стручните тимови, кои стојат зад нивниот развој. Покрај освоените медали, значењето на МИ е многу пошироко. Тие претставуваат важна сцена за афирмација на македонскиот спорт, место каде што младите и искусни спортисти ги одмеруваат силите со најдобрите во регионот и стекнуваат искуство, кое често претставува чекор кон нови големи спортски предизвици. Со настапот во Таранто 2026, Македонија ќе ја продолжи својата медитеранска спортска приказна. Четвртиот настап на овие игри ќе биде нова можност за македонските спортисти да се претстават на големата меѓународна спортска сцена, да ги промовираат олимписките вредности и да испишат нови страници во историјата на македонскиот спорт, информираат од МОК. Г.И.
Спасеновски: Наша цел е спортистите да имаат
одлични услови за достоинствен настап
Шефот на македонската делегација на Медитеранските игри (МИ) во Tаранто (Италија), Петар Спасеновски, изнесе свое размислување околу подготовките, организацијата и очекувањата пред настапот на нашите спортисти на Игрите во Таранто.
– Моментално подготовките се во напредна фаза. Работиме на дефинирање на кратката листа и координација со националните спортски федерации, сѐ со цел навремена координација и обезбедување подобри услови на спортистите за натпревар на Медитеранските игри во Таранто. Одличната соработка со италијанската амбасада и нашите партнери дефинитивно ни овозможува подобри услови и навремена координација, што е и една голема поддршка за подготовка и учество на Игрите. Најавуваме многубројна делегација, очекуваме да имаме меѓу 100 и120 учесници од Македонија на претстојните Медитерански игри. Наша цел е дефинитивно овозможување добри услови, навремена подготовка и со тоа спортистите да имаат одлични услови за достоинствен настап на Игрите во Таранто – вели Спасеновски, пренесе МОК.
Медитеранските игри ќе се одржат од 21 август до 3 септември годинава, под мотото „Прегрни ја иднината“, со учество на околу 4.000 спортисти од 26 нации. Ќе има вкупно 279 настани во 28 спорта.

































