ШАХ – АВГУСТОВСКА РЕЈТИНГ-ЛИСТА НА ФИДЕ

  • На македонската ранг-листа и понатаму на врвот се ВМ Евгени Романов и ЖФМ Моника Стојковска

Францускиот велемајстор (ВМ) Алиреза Фирузја (2.757, плус осум рејтинг-поени) се врати во топ 10 на августовската рејтинг-листа на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) по неговата победа на турнирот во Ченаи, додека ВМ од Узбекистан, Нодирбек Абдусаторов (2.757, минус четири поени), со поразот во последното коло од Русинот Дмитриј Андрејкин (2.717) падна за две места и е осми. Втор месец во низа, актуелниот светски првак, Индиецот Домараџу Гукеш (2.703), загуби поени, овој пат 14, по трите порази на истиот турнир, па назадуваше од 26-то на 31-то место. Норвешкиот ВМ Магнус Карлсен (2.823) ги продолжи 15-те непрекинати години на врвот како шахист број еден во светот, а води и на листата во забрзан (2.803) и брз шах (2.860). Кај првите петмина шахисти нема промени во однос на јулската листа. Втор е Американецот Фабијано Каруана (2.792), трет сонародникот Хикару Накамура (2.792), четврти, предизвикувачот на светскиот првак, Узбекистанецот Јавокир Синдаров (2.777), а петти Германецот Винсент Кејмер (2.767).

На женската листа напредуваше ИМ од Русија, Полина Шувалова (2.507, плус 24 поени), која се искачи за четири места и сега е 10-та, откако ја постигна својата втора норма за ВМ на турнирот во Казахстан, каде што беше втора, половина поен зад победникот, Андреј Есипенко од Русија. Распоредот кај првите девет шахисти на врвот е непроменет. Во стандарден (2.596), забрзан (2.529) и во брз шах (2.521) и понатаму е доминантна Јифан Хоу, втора е Леи Тинџие (2.561, минус пет поени), а трета Ју Венџун (2.553, минус седум поени), сите од Кина.
На македонската листа и понатаму води ВМ Евгени Романов (2.558, плус 10 пони), втор е ВМ Трако Недев (2.460), а трет ИМ Филип Панчевски (2.430). Најмногу рејтинг-поени (77) освои Никола Павлески (2.084) и се искачи од 70-то на 42-то место. Кај шахистките нема промени меѓу првите 10, води ЖФМ Моника Стојковска (2.076), втора е ЖИМ Габриела Коскоска (2012), а трета ЖФМ Моника Жежовска (1.978, плус 12 поени). Г.И.