Фото: Пиксабеј

Повеќе од 80 лица загинаа, а стотици се повредени во силниот земјотрес со магнитуда од 7,4 степени што ја погоди Колумбија, при што се урнаа и оштетија голем број објекти во повеќе градови, пренесе ДПА.

Земјотресот се случил околу 7.34 часот по локално време во департманот Чоко, а бил почувствуван и во Богота, Медељин, Кали, Переира, Попајан, Арменија и Манисалес, како и во соседните Венецуела, Еквадор и Панама.

Најмалку 47 лица загинале во Переира, 27 во департманот Ваље дел Каука, а уште четири во Чоко. Во Манисалес се пријавени три жртви и стотици повредени, додека повеќе згради целосно се урнале, а други претрпеле сериозни оштетувања.

Во Кали се пријавени повеќе од 20 урнати објекти, за кои се стравува дека во нив има заглавени лица. Во Кибдо, главниот град на Чоко, исто така се регистрирани повредени и голема материјална штета.

Епицентарот бил во близина на Сан Хосе дел Палмар, на длабочина од околу 96 километри, според Колумбиската геолошка служба. Американскиот геолошки завод ја проценил длабочината на 107 километри.

По главниот потрес следувале и секундарни земјотреси, меѓу кои и потрес со магнитуда од 4,6 степени.

Претседателот Абелардо де ла Есприела наредил формирање кризен штаб во Сан Хосе дел Палмар за координација на спасувачките и хуманитарните активности. Неколку земји веќе понудиле помош за погодените подрачја.

Поради големиот број пријавени повредени и урнати објекти, властите стравуваат дека бројот на жртвите може дополнително да се зголеми.