Јани Бојаџи, филмски режисер и продуцент

Првото издание на меѓународниот филмски фестивал „Преку езерото“ почнa синоќа во Стар Дојран и ќе трае до недела. Станува збор за фестивал на медитеранскиот и европскиот филм и автори што живеат или потекнуваат од медитеранските и европските земји, прв филмски фестивал од ваков формат во Македонија, кој ќе го збогати културниот живот во градот и околината и традиционално ќе се одржува во Дојран, покрај брегот на езерото. „Преку езерото“ е иницијатива предводена од Јани Бојаџи, филмски режисер и продуцент.

Како се роди идејата за „Преку езерото“?
– Идејата е да се направи фестивал што ќе ги обединува културните, духовните и цивилизациските вредности на уметниците од Балканот и Медитеранот, кои иако низ историјата живееле во исти држави, царства и империи, на крајот од 20 и почетокот од 21 век се разминаа едни со други. Тоа разминување е до степен на меѓусебно непознавање на авторите што очигледно припаѓаат на иста културолошка матрица, која на крајот резултира со тоа публиката да не знае ништо за нашите дела. Така што денес публиката од Балканот и Медитеранот знае сѐ за уметниците и нивните филмови од Америка, Европа, па дури и од Азија, а не знае ништо за тоа што се случува во светот на филмот во соседството, ете таму, сосема блиску – преку езерото.
Како се вклопи Дојран во целиот концепт на фестивалот?
– Дојран е суштината на Медитеранот во Македонија. Тој е последната граница на Медитеранот и природно е таму каде што постојат граници, уметниците да се обидуваат да ги преминат тие граници. Во таа смисла, Дојран и од двете страни на границата, и од грчка и од македонска, е регион со потенцијали што десетина пати ги надминуваат работите што во моментот се случуваат не само во светот на уметноста туку во туризмот, во бизнисот, во животот, воопшто. Така што Дојран е местото што има не само своја историја и своја сегашност туку и своја иднина, а нашата идеја е таа иднина да ја споделиме со целиот Балкан и Медитеранот, како природна средина на која ѝ припаѓа самиот Дојран.
Што содржи програмата на фестивалот?
– Таа природно произлегува од неговата основна идеја, да биде репрезент на случувањата во светот на филмот во овој дел од светот. Оваа година официјалната селекција е составена од девет краткометражни филма на автори од осум медитерански земји, кои ќе се натпреваруваат за трите награди. Но веќе од идната година фестивалот својата основна селекција ќе ја темели на долгометражни филмови, а краткометражната селекција ќе биде повеќе свртена кон младите автори, кон филмаџиите од Балканот и од Медитеранот на кои кратките филмови им се првиот чекор во светот на филмот.
Што ќе може да се научи од мастеркласот „Трагањето на сценаристите по вистинското значење на темата во нивните сценарија“?
– Тие што ќе го следат мастеркласот ќе можат да научат дека основа на сѐ во уметноста на филмот е сценариото, приказната, а темата и нејзиното препознавање се суштината, особено во еден суперкакофоничен свет, каде што темата се губи во светот на визуелното.
Зошто беше важно да се обединат авторите што живеат или потекнуваат од овие земји?
– Во општеството не постои празен простор. Ако просторот не го заземат уметниците и другите луѓе со добра волја да ги обединуваат различностите, тогаш тој простор ќе го заземат политиката или другите сфери на животот. Јас не сум дотолку идеалист, иако ова што го зборувам е во сферата на идеализмот, и не мислам дека уметноста ќе го промени светот, тоа сепак е работа на политиката, но убеден сум дека уметноста на филмот и филмаџиите можат да ѝ покажат на публиката како изгледа тој подобар свет, па публиката да тргне само по патот на убавото и подоброто. На крајот на краиштата, што друго да правиме ние уметниците? Тоа ни е работа. Постојано и постојано да го визуализираме светот на убавото и низ делата, но и со фестивали каде што тие дела ќе бидат споделени со публиката.