Вечерва, во 18 часот, на камената бина во центарот на Прилеп по 15-ти пат ќе се одржи поетската манифестација „Поетско Маркукуле“, на која ќе се претстават стотина поети од земјава и од странство, а ќе биде промовиран и Алманахот за 2022 г. Организатор е Клубот на литературни творци од Прилеп.
– Во алманахот се впишуваат имињата на сто седумдесет и еден автор од Македонија и од неколку европски земји. Во него, покрај веќе старите, постојани ученици, има наплив на нови поетски пера, кои го збогатуваат стиховниот мозаик. Во алманахот се плетат стихови од многу еминентни автори, стихови од нови автори што доаѓаат на голема врата на поетското небо, но и стихови од автори што пишуваат за своја душа, но и за душата на читателот – вели поетот и писател Тони Павлески.
Годинава има рекорден број учесници.
– Ќе бидеме добри домаќини, ќе ги пречекаме учесниците и ќе му се препуштиме на поетскиот изблик и ќе се дружиме – вели Андриана Ристеска, претседателка на Клубот на литературни творци – Прилеп.
Почетоците на манифестацијата датираат од 2007 година, кога Прилеп доби уште едно вредно благородно камче во својот духовен културен мозаик.
– Предност им се даде на најмладите и на оние што пишуваат, а не објавуваат од која било причина. Всушност, тоа и беше идејата и намерата при создавањето на манифестацијата, да се поттикнат и да се охрабрат младите и неафирмирани литерати да се покажат и промовираат со тоа што ќе настапат во природен амбиент во атмосфера на добредојде со подадената рака на веќе афирмирани поети, за да продолжат да творат – вели Цене Григорова, една од иницијаторите. Ка.М.