Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ се отвора со данскиот филм „Танцувајќи ја Пина“, вечерва, во 21 часот, во „Куршумли-ан“.
Оваа година по 14-ти пат ќе се одржи во Скопје, а земја во фокус е Данска.
– Во програмата заедно со Данскиот филмски институт внимателно селектиравме 13 дански долгометражни документарни филмови. Секако, овде ќе се најдат најдобрите и веќе наградувани дански документарни филмови од поновата данска продукција, меѓу кои и победникот на најголемиот фестивал на документарни филмови – ИДФА, филмот „Аполонија, Аполонија“ на режисерката Леа Глоб, со кој и ќе ја отвориме програмата посветена на Данска – вели Петрула Вељановска од програмскиот тим на „Македокс“.
Оваа година по вторпат фестивалот ѝ е посветен на монтажата на документарниот филм и во рамките на програмата „Земја во фокус“ е поканет Јаспер Осмунд, дански, но и светски познат монтажер на филмови, кој заедно со филмскиот консултант Туе Стин Милер, по потекло Данец, на новата генерација млади македонски и балкански монтажери, кои за среќа ги има сѐ повеќе, ќе им одржат работилница за монтажа, насочувајќи ги младите монтажери.