Првиот фестивал на камерна музика, „Струмица класика интернационален фестивал 2022“, ќе трае до 9 јуни во Струмица.
– Идејата што кај мене тлееше долги години конечно успеавме да ја реализираме. Освен солистичка музика, најголемиот дел од програмата ќе биде посветена на камерната музика. Идејата беше прифатена од моите колеги, група професионални музичари од Филхармонијата, од Операта и колеги од основното музичко училиште „Боро Џони“ од Струмица, со цел да направиме еден интересен фестивал, единствен од таков вид кај нас, презентираjќи претежно камерна музика во состави како дуо, трио, квартет, квинтет, октет, хорови, камерни оркестри итн. Идејата за фестивалот со задоволство ја прифатија и поддржаа градоначалникот на градот и Советот на Општина Струмица, за што им благодариме за поддршката – вели Васил Атанасов, селектор на фестивалска програма „Струмица класика меѓународен фестивал 2022“.
Целта е со реализацијата на фестивалот да ги претставиме врвните македонски уметници што ја негуваат камерната музика, но и гостите од соседните земји, Европа и пошироко.
– Струмица е град со традиција и историско културно наследство од сите сфери, град што ги сака музичката уметност, театарот, филмот, сликарството и културата воопшто и има убава традиција на културни настани, а со овој фестивал сметаме дека ќе го збогатиме културното живеење на Струмица и регионот, бидејќи градот го заслужува тоа, со што ќе стане културен уметнички центар на Балканот. Фестивалот ќе придонесе со гостувањето на странски уметници од повеќе земји, Струмица да стане и атрактивна туристичка дестинација – дополнува Атанасов.