Откако веќе не постојат или стануваат сѐ понедостижни да се видат собрани заедно во нивните оригинални состави, стана практика легендарните светски бендови, но и оние од некогашните југословенски простори да добиваат свои „реплики“ или „копии верни на оригиналот“.
Сите насловени како „трибјут“ (почит) кон: „Квин“, „Еј-си ди-си“, „Лед цепелин“, „Пинк флојд“, ЗЗ Топ, или некогаш „нашите“: „ЕКВ“, „Азра“, „Забрањено пушење“… и уште многу други легендарни бендови што се дел од светската и балканската рок-историја. Сеќавањето на нив го враќаат, освежувајќи ни ги емоциите, токму ваквите трибјут-бендови, кои не само што во тон ја симнале музиката на оние што, веројатно, биле и нивни идоли туку се трудат и физички што повеќе да личат на оригиналните членови на тие групи. И во изгледот со помош на шминка, перики, разни маски и во облекувањето, но секако и во однесувањето на сцената, „главните јунаци“ нѐ внесуваат во нивната рокенрол-приказна што тие ја „глумат“ на сцената.
Вакви бендови-посвети однадвор доаѓале во неколку наврати и во Македонија, најмногу во Скопје („Квин“, „Дејвид Боуви“, „Пинк флојд“, „ЕКВ“, „Азра“…), но вистински македонски трибјут-бенд на некоја група досега не сме имале. Многумина пееле и свиреле песни од овој и оној, но никој не направил група што исто ќе свири, ќе пее, ќе изгледа, ќе се облекува и ќе се однесува како некој од легендарните бендови, односно ќе биде нивна „верна копија“. Сѐ досега, или поточно до пред две години, кога идејата да се направи македонска верзија на најголемиот рокенрол-бенд во некогашна Југославија, легендарните „Бијело дугме“, ја преточија во стварност група наши музичари формирајќи го проектот „Бело копче“.
Поради ковид-пандемијата досега членовите на проектот не беа во можност веднаш да го покажат на виделина она што го подготвиле, но „копчето се откопча“ и време е да се покажат сиот музички и визуелен раскош, сета убавина на музиката со која растеа генерации, зашто „Бијело дугме“ несомнено беа и останаа балканските „Ролинг стонси“.

Токму затоа гитаристот Стевче Грозданов (како Горан Бреговиќ), пејачот Зоран Рудан-Цеки (како Жељко Бебек), басистот Горан Гешовски (како Зоран Реџиќ), тапанарот Сашо Стојановски (како Горан Ипе Ивандиќ), клавијатуристите Борислав Драганов-Боби (како Лаза Ристовски), Давор Јордановски и Мирослав Милковски (како Владо Правдиќ), како и придружните вокали Билјана Ѓошева и Боба Танева (како Амила Сулејмановиќ и Зумрета Миџиќ-Зу) станаа дел од македонскиот проект посветен на најголемата група на сите времиња на поранешните југословенски простори, насловен „Бело копче“ трибјут на „Бијело дугме“.
– Групата постои околу две години, но поради пандемијата немаше услови за јавен настап, па во тој период се обидовме да направиме седум спота со познати песни од „Бијело Дугме“: „Кад би био бијело дугме“, „Тако ти је мала моја кад љубиш Босанац“, „Да сам пекар“, „Сањао сам ночас да те немам“, „Лажеш злато, лажеш душо“, „Ружица си била“ и „Ево, заклет ќу се“ – напишаа членовите на својата новоотворена страница на социјалната мрежа Фејсбук. претставувајќи ги проектот и биографијата на секој од членовите.
Неодамна беше претставен и првиот видеозапис за песната „Кад би био бијело дугме“, а наскоро ќе ги слушнеме и другите снимени песни и видеата за нив. Се надеваме дека набргу ќе можеме да присуствуваме на првиот перформанс во живо на „Бело копче“ трибјут на „Бијело дугме“.