Фото: М.Т.

„По трагите на разлевањето“ е насловена осмата самостојна изложба на младата уметница Славица Танеска, што беше отворена синоќа во галеријата „КО-РА“ во Домот на култура „Кочо Рацин“ во Скопје.

Беа изложени избрани дела од повеќе тематски циклуси што Танеска ги наслекала во техниката британски акварел, што таа последните неколку години студиозно го истражува. Беше и единствен претставник од Македонија на првиот Светски фестивал за акварел во Обединетите Арапски Емирати во 2017 година.

Инаку, изложбата е поддржан од Град Скопје и од Домот на култура „Кочо Рацин“ – Скопје, како дел од Годишната програма од областа на визуелните уметности, дизајн и архитектура и во рамките на Скопје 2028 – Европска престолнина на културата.

Изложбата ја отвори Виолета Калиќ, историчар на уметноста, стручен соработник за визуелни уметности, дизајн и архитектура. Таа се осврна на краткиот но плоден професионален ангажман на Славица Танеска. Куриозитет е тоа што Калиѓ пред десетина години исто така ја отворила првата изложба на Славица во галеријата „КО-РА“.

Славица Танеска е учесник на над 45 групни изложби од меѓународен карактер, ликовни колонии, симпозиуми, фестивали во земјата и надвор. Добитничка е на повеќе награди и признанија , меѓу кои е и „Грамота“ од амбасадата на Руската федерација, признание од германскиот институт „Гете“, наградата „Четирите мајстори на модернизмот“, признание од ректоратот на УКИМ за првенец на генерацијата 2020/21…

Автор е на книгата „По трагите на времето“, во која низ цртеж ги претстави старите македонски куќи. Учесник е на бројни годишни тематски изложби во Галерија „КО-РА“, како и на меѓународните биеналиња: „Остане“ во 2016. и „Будења“ – биенале на млади во МСУ, што се одржа годинава.

Оваа млада, амбициозна и талентирана уметница е и долгогодишен соработник на „Нова Македонија“, каде во додатокот за деца „Колибри“ беа објавени 60 епизоди од авторскиот стрип „Марсо Марсоски“. Исто така на страниците на „Колибри“ таа е присутна од нејзината прва самостојна изложба што се случи на вчерашна дата, 26 октомври, пред 13 години во Охрид, односно на денот на нејзиниот роденден.

Танеска дипломирала сликарство во класта на проф Благоја Маневски на Факултетот за ликовна уметност во Скопје на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде магистрираше минатата година.

Сега Танеска работи како асистент од областа на визуелните уметности на Факултетот за арт и дизајн на Европскиот универзитет во Скопје. Дизајнот и подготовка на каталогот кон изложбата е нејзино дело. М.Т.

Фото: М.Т.
Фото: М.Т.
Фото: М.Т.