Фото: Зоран Антоски

Вечерва во ликовниот салон од Центарот за култура во Кичево, беше отворена изложбата на уметникот Филип Фиданоски со работен наслов „Пикасо можеби јас“, посветена на 140 годишнината од раѓањето на најголемиот шпански сликар Пабло Пикасо. Оваа изложба како и претстојните ги организира Кралството Шпанија, а по тој повод како гостин на отворањето во Кичево беше и заменик амбасадорот на Кралството Шпанија во земјава, Ернесто Кампо.

Фото: Зоран Антоски

Авторот Филип Фиданоски беше презадоволен од големото присуство на љубителите на уметноста од Кичево, кои во голем број беа присутни на овој настан.

– Не случајно Кичево е првата дестинација по главниот град каде е отворена оваа изложба. Јас и лично емотивно сум врзан за Кичево и грнчарското село Вранештица и затоа не ми беше воопшто тешко да се одлучам турнејата на оваа изложба да ја започнам токму од овој град. Изложбата се состои од 13 дела изработени во керамика, а на изложбите во внатрешноста ќе бидат претставени 10 од овие дела, кои за прв пат беа дел од една изложба во 2016 година, кога големиот шпански уметник одбележа 135 години од своето раѓање – истакна авторот Фиданоски.

Фото: Зоран Антоски

Заменик амбасадорот Ернесто Кампо на отворањето на изложбата ги поздрави сите присутни во салата, а истакна дека авторот Филип Фиданоски реализирал изложба со прекрасни дела кои асоцираат на големиот шпански уметник.

– Ви благодарам на сите што сте присутни на отворањето на оваа изложба а посебно го поздравувам авторот на истата професорот Филип Фиданоски. Иако многу одамна Пикасо не е меѓу живите, сепак, тој благодарение на своите дела многу повеќе живее меѓу нас. Јас сум многу среќен што за прв пат денес сум во Кичево. Ја сакам македонската култура и македонскиот јазик а се надевам дека оваа изложба многу ви се допадна – рече меѓу другото заменик амбасадорот Кампо.

З.А