Факултетот за работи што не се учат (ФРУ), Скопје, во соработка со мрежата „Награди за млади визуелни уметници“ од Њујорк, го објавува отворениот повик за наградата „Денес“ за млад визуелен уметник во Македонија до 35 години. Наградата се доделува на годишно ниво на исклучителна и истакната тековна уметничка практика, која подразбира критичко и естетско размислување и дејствување и е единствена награда за млад визуелен уметник во земјава од овој вид.
– Оваа значајна и независна награда, која се доделува по осумнаесетти пат во земјава, покрај двомесечната програма за престој на уметници во Њујорк од минатата година во која го одбележи и своето 20-годишно постоење, вклучува и други новини и резиденции. Таа исто така им овозможува и уникатно искуство на уметниците да бидат дел од специјално наменет едукативен процес во визуелната уметност насловен „Совршениот уметник“, да имаат средби и презентации со интернационална жири-комисија и да продуцираат ново дело, во рамките на изложба како финалисти на наградата – велат од ФРУ.
Отворениот повик трае од 16 април до 31 мај, а резултатите за тројцата финалисти ќе бидат објавени на 5 јуни.
Финалистите на наградата ќе ја отворат изложбата кон средината на ноември 2024 година во Националната галерија на Македонија – „Мала станица“, кога ќе биде соопштен и добитникот на наградата „Денес“, односно резиденцијален престој во Њујорк во периодот август-септември 2025 година.
Досегашни добитници се: Ѓорѓи Десподов/ Клелија Живковиќ/ Бурџу Мусли, Ивана Мирчевска, Елена Чемерска, Верица Ковачевска, Зорица Зафировска, Иван Ивановски, Филип Јовановски, Велимир Жерновски, Илија Прокопиев, Кристина Божурска, Ѓорѓе Јовановиќ, Ана Ивановска, Борис Петровски, Атанас Ботев, Далибор Тренчевски, ОПА (Опсесивна посесивна агресија) и Славица Јанешлиева.