Читателската публика во Скопје ќе има можност да се сретне со познатиот автор на крими-трилери, Андерс Рослунд, кој ќе биде специјален гостин на Саемот на книгата на штандот на „Антолог“. Рослунд е познат по своите напнати трилери и освојувањето многу награди, но и по позиционираноста на водечки места на бестселер-листата на „Њујорк тајмс“. Шведскиот автор ќе биде присутен на штандот на „Антолог“ в сабота (20 април), со почеток од 12 часот, во рамките на Саемот на книгата, подготвен да се запознае со своите читатели.
– Исклучително сме возбудени што имаме можност да го пречекаме Андерс Рослунд на Саемот на книгата во Скопје. Рослунд е еден од најистакнатите автори на криминалистичка проза во моментов, со богата кариера и со голем број обожаватели низ светот. Неговите трилери се познати по својата напнатост и интрига, и сигурни сме дека ќе биде неповторливо искуство за сите присутни на настанот да имаат можност да го сретнат и да разговараат одблизу со него – велат од издавачката куќа „Антолог“.
Андерс Рослунд е автор на најчитаните „Чук чук“, „Слатко сонувај“ и „Верувај ми“, која ќе има специјална промоција во рамките на Саемот на книгата, три дела, кои веќе се преведени на македонски, и на други наслови зад кои се потпишува во дуо. Во текот на настанот, посетителите ќе имаат можност да го сретнат Андерс Рослунд, да се фотографираат со него и да добијат автограм на неговите книги, вклучувајќи ја и „Верувај ми“, која излегува специјално за неговата посета. Читателите ќе имаат можност да уживаат во разговор со авторот и да го слушнат неговиот поглед на литературата што ја создава.