Голем интерес на публиката предизвика самостојната изложба на слики од Мице Јанкуловски, „Надвор од црното“, отворена во галеријата „Галатека“ во Букурешт. Авторка на концептот е Корнелија Конеска, а кураторка е Анка Боериу, универзитетска професорка на Националниот универзитет за уметност на Романија.
– Последната фаза на концептуални слики на Јанкуловски се одликува со монохроматичност, модуларност, мултипликација и минимализам. Уметникот користи систематски пристап за примена на основни форми, како што се кругови, квадрати и триаголници на големи квадратни платна, користејќи само црна боја. Формите се создаваат со правење шари на намази од дебел слој црна боја. Во зависност од тоа дали намазите се нанесуваат на заднина или на самите форми, се постигнува дополнителен впечаток на позитивно/негативно. Серија од дела се создава со мултипликација на формите во платната, како и со мултипликација на самите платна, што резултира со големи концептуални дела како полиптиси. Веднаш треба да се забележи дека црното, „небојата“ како што понекогаш се дефинира, е единствениот протагонист на делото… покрај светлината – како составен дел на конечниот резултат – стои во освртот на кураторката Анка Боериу.
Во однос на просторната организација на концептуалните дела од повеќе делови, Јанкуловски секогаш се труди да обезбеди можност за нивно читање без разлика на позицијата на деловите, за да можат да се набљудуваат поставени на различни начини – резултат на неговиот првичен интерес за палиндромите (зборови што се читаат исто напред како назад).
– Неговото најново уметничко творештво е истражување со карбон (најцрната позната црна боја) – боја откриена со најновите нанотехнологии, која обезбедува поглед во непознатото надвор од сè што досега е познато за црното – се вели во освртот кон изложбата „Надвор од црното“. Основниот мотив на изложбата е визуелен одговор на прашањето: „Што има надвор од границите“? Наспроти белата боја (која ги рефлектира сите бои), црната ги апсорбира сите бои и се доживува како граница каде што сите бои завршуваат. Дали е така? Што е зад, или подобро надвор од црното? Според перцепцијата на Јанкуловски – повеќекратна реалност! Концептот на изложбата е една од тие реалности. Главните атрибути на неговото уметничко дело му дозволуваат да прави бескрајни варијации и различни реалности, но како докажан минималист – ги постигнува со минимални елементи. Како и секогаш, тој користи само црни квадратни платна со различни растери со црн акрилик. Конечниот резултат се постигнува со мултипликација на формите и со комбинација на модуларните (претходно обмислени) формати на платната распоредени во полиптиси – подвлекува Конеска.