Објавена книгата „Погром – Записи на Рафаел Дорон“ на Миле Бошњаковски

Издавачката куќа „Темплум“ ја објавува првата книга на авторот Миле Бошњаковски, насловена „Погром – Записи на Рафаел Дорон“.
Искра Гешоска, еден од рецензентите на книгата, истакна дека станува збор за полижанровска форма или записи направени во три херменевтички правци, кои сепак се читаат со неверојатна леснотија.
Новинарот Валентин Нешовски за „Погром – Записи на Рафаел Дорон“ наведува дека „приказните во оваа книга удираат како чекан на наковалната, но од триењето не летаат искри туку еквиваленти на разлетани пеперутки од добри пораки, искуства, животни филозофии, веродостојни поуки за човештвото“.
Според Нешовски, „ликовите на Бошњаковски живеат со сласт и страст во едно опасно време пред Втората светска војна во Скопје. Авторот низ приказните мајсторски ги црта контурите на животот доволно прецизни за читателот да додаде бои и мириси и чувства. Минимализмот, сличен на оној на Даниел Хармс, всушност отвора раскошна палета за размислување за сцените во книгата. Расказите „Цицките на Јана“, „Ќерката на ковачот“, „Шеќерно јаболко“, „Разговор со докторот“, „Пизма на писмото“, како и цртките „Мислевме ќе помине“, „Зелено-црн“ и „А да немаш мајка“, се мали генијални таписерии со бои и мириси, но и феноменологии на едно време.
Корицата и илустрациите во книгата се на Зоран Кардула, а графичкиот дизајн е на КОМА.