Фото: Маја Јаневска Илиева

Македонската музичка легенда Драган Мијалковски на претстојната 27. „Златна бубамара на популарноста“ ќе добие признание за животно дело. Наградата ја доделува Академијата на манифестацијата.

Мијалковски оваа година одбележува пет и пол децении на музичката сцена. Неговата музичка кариера започнала на аудиција „Бараме млади таленти“ во 1969, кога ден по успешниот настап ја направил првата радио-снимка. Со своите песни трајно ја одбележа домашната забавна музика, а како поп-пејач имаше респектирано место и на екс-ју сцената.

Најголема популарност достигна во 70-ите и 80-ите години, кога соработуваше со врвните екс-ју композитори како Војкан Борисављевиќ, Никица Калоѓера, Славе Димитров, Александар Ацо Кораќ, Зденко Руњиќ, со чии песни учествуваше на бројните музички фестивали во Белград, Загреб, Сараево, Опатија, Скопје….

Отпеа многу хитови, меѓу кои се и неколку класици во антологијата на македонската забавна музика. Неговата голема популарност во 1970-ите и 1980-ите може слободно да се оцени како далечен предок на современата многу раширена „селебрити култура“.

Фото: Маја Јаневска Илиева

Мијалковски ќе настапи со голем ревиски оркестар во живо, изведувајќи колаж од неговите најпопуларни рефрени. И покрај неговите 74 години, Мијалковски е во извонредна пејачка форма, бидејќи постојано настапува пред својата публика од повеќе генрации. Токму затоа со право го нарекуваат Френк Синатра на домашната музичка сцена.

„Златната бубамара на популарноста“ ќе се одржи на 22 месецов, со почеток во 20 часот во арената „Борис Трајковски“ во Скопје.

М.Т.