Првиот концерт насловен „Џез нова“ на Националниот џез-оркестар се одржа на сцената на Националната опера и балет, со што започна концертната сезона на оваа нова национална установа. На концертот беа изведени композиции за биг-бенд од македонски истакнати џез-автори од различни генерации.
За месеците што следуваат, новата национална установа подготвува внимателно избран репертоар што ги следи актуелните трендови во џез-музиката, но вклучува и изведби на џез-класици од домашната, регионалната и од светската џез-сцена, како и гостувања на еминентни музички имиња.
Одлуката за основање нова национална установа во културата – Национален џез-оркестар, Владата ја донесе минатата година. Новата установа ќе придонесе кон создавање висококвалитетен македонски џез-производ, кој ќе постави нови критериуми и повисоки стандарди на македонската џез-сцена и ќе стане препознатлив во земјава и надвор од неа по својата уникатност.
Оваа установа, меѓу другото, ќе ги зачува талентираните џез-музичари, ќе им овозможи траен и одржлив ангажман, ќе се залага за едукација на млади таленти и ентузијасти, ќе организира џез-фестивали и настани што ќе помогнат во негувањето на џез-културата на територијата на целата држава.